ПО ПОВОД 7-МИ МАЈ, ДЕНОТ НА ПОЛИЦИЈАТА, ЗАЕВ И СПАСОВСКИ ВО РЕСЕН: ПО 40 ГОДИНИ РЕНОВИРАН Е ПОЛИЦИСКИОТ ОБЈЕКТ ВО РЕСЕН

0
1103

Објектот на Одделението за внатрешни работи на Општина Ресен е комплетно реновиран по 40 години. Ова е 55-ти реновиран полициски објект во земјава, а инвестицијата е 12,7 милиони денари, обезбедени од буџетот на Министерството за внатрешни работи. На увид на реновираниот објект во Ресен, денеска присуствуваа премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Според премиерот, станува збор за уште една остварена обврска во континуитетот на реализацијата на заложбата за севкупно подобрување на професионалните услови за работа на полициските службеници, преку продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици.

“Од денеска и ова реновирано одделение станува дел од остварувањата посветени на изградба на функционална инфраструктура во системот на нашата полиција и Министерството за внатрешни работи. Овие современи услови придонесуваат кон гаранцијата за редот, безбедноста и владеењето на законите. Како етаблирање на полицијата, како гарант за заштита на законитоста и како квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани” – рече Заев.

Покрај овој објект во Ресен, извршени се уште многу вакви активности, веќе се завршени работите на Аеродромската база Петровец, на полициските станици и одделенија во повеќе регионални центри и општини, новите современи форензички лаборатории, како и многу други зафати за современи услови за работа на полицијата и другите припадници на МВР, а во овој момент активни се работите на реконструкција или реновирање на СВР Куманово, на Полициското одделение Ростуше, а во претстојниот период во план се работи и на Одделение за внатрешни работи Прилеп, Полициската станица во Крушево и Полициското одделение во Чашка.

Реконструкцијата на Одделението за внатрешни работи во Ресен започна од средината на месец јануари 2021. година.