ПО КАСАМИ ЗА ТЕТОВО, И ПЕЦАКОВ ИЗЛЕЗЕ СО ОГРОМНА СУМА ЗА ДОЛГОВИТЕ НА ОПШТИНА ОХРИД И ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА: ВКУПНИТЕ ДОЛГОВИ НАДМИНУВААТ 22 МИЛИОНИ ЕВРА

0
987

“Долгот на Општина Охрид моментално изнесува 857 милиони денари или речиси двојно повеќе отколку во 2019 година кога со финансиска помош на Владата за раздолжување на општината тој бил намален на некаде 530 милони денари” – рече градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

“Со жалење морам да констатирам дека претходно пласираното за финансиската кондиција на Општина Охрид ни приближно не соодветствува со реалната состојба. Сето тоа е резултат првенствено на недомаќинско работење, предимензионирање на буџетот, одвојување големи суми за времени вработувања, трансфери кон невладини организации и медиуми. Само во последните две ставки трансферите од минатата година до оваа се разликуваат за дополнителни 250 илјади евра” – изјави Пецаков.
По склучените договори досега, Општина Охрид должи 66 милиони денари, околу милион евра треба да се платат за договори што се реализирани, делумно реализирани или воопшто не е почната нивна реализација.

Слична е состојбата и со кондицијата на општинските јавни претпријатија, кои се со наталожени догови по најразлични основи. Најзадолжено е ЈП “Водовод” со 309 милиони денари долг, од кои 244 милиони кон новоформираното ЈП “Колектор”. Следуваат ЈП “Билјанини извори” со долг од 78 милиони денари, потоа “Охридски комуналец” со 60 милиони денари, па “Нискоградба” со 46 милиони денари, “Градски пазар” до 2,4 милиони денари и “Градски гробишта” со околу еден милион денари.

“Вкупно сите претпријатија должат 497 милиони денари или околу осум милиони евра. Во 2017 година по промената на локалната власт и директорите на јавните претпријатија сите општински претпријатија беа во добра кондиција и со плус средства на нивните сметки. Кумулативно долгот на сите претпријатија заедно со долгот на Општината изнесува 1,345 милиони денари или околу 22 милиони евра” – изјави Пецаков.