НОВАТА ВЛАДА ЌЕ БИДЕ ПРЕТСТАВЕНА ВО СОБРАНИЕ ПО БОЖИЌ, КОВАЧЕВСКИ: ОЧЕКУВАМ СИТЕ ПОСТАВЕНИ ЛИЦА ДА БИДАТ ЗАКОНСКИ И ЕТИЧКИ ОДГОВОРНИ НА ФУНКЦИИТЕ

0
1047

Претседателот на СДСМ и мандатар, Димитар Ковачевски ќе предложи нова Влада по Божиќ.

Во интервју за Канал 5 вечерва, Ковачевски додаде дека одговорноста ќе биде клучен критериум на владеењето.
“Технократскиот начин на управување обично се поврзува со цврста рака на владеење, меѓутоа за мене тоа значи еден мерит систем на раководење, каде што секој кој што извршува одредена јавна функција, треба одговорно и чесно да ги извршува своите задачи, согласно со зададените цели. Секој, низ личен пример, да работи во интерес на граѓаните и да одговара при непостапување” – рече мандатарот Ковачевски.

Тој рече дека од новата Влада може да се очекува силна посветеност на економските реформи во државата, на справувањето со најгорливите прашања, енергетската криза, корупцијата, владеењето на правото и евроинтеграциите.

Димитар Ковачевски во интервјуто рече дека важи за малку попустлив човек, кој што бара одговорност од соработниците и се држи до принципот на извршување на задачите.
“Она што е клучно е да бидат поставени луѓе кои што се одговорни и чесни и кои низ личен пример ќе покажат на кој начин треба да функционира еден политичар, во кој што треба да се врати довербата на граѓаните” – рече Ковачевски.
Тој порача дека одговорноста на луѓето во работењето ја подразбира како правна и етичка, според која што ќе се мери ефектот на секој назначен функционер.