СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е УСПЕШЕН ПРИМЕР НА ФУНКЦИОНАЛНА МУЛТИЕТНИЧКА ДРЖАВА И ФАКТОР НА СТАБИЛНОСТ НА БАЛКАНОТ, ЗАЕВ: ГИ РЕШИВМЕ СПОРОВИТЕ СО СОСЕДИТЕ, СПРОВЕДУВАМЕ РЕФОРМИ, ЗАТОА ЕУ ТРЕБА ДА ГО ИСПОРАЧА ТОА ШТО НИ ГО ВЕТИ

0
811

“Сите земји на ЕУ се согласни дека Северна Mакедонија го испорача она што од неа се бараше и Унијата сега има морална обврска да го испорача тоа што го вети” – рече премиерот Зоран Заев на Европскиот форум “Алпбах”.

Во своето обраќање, Заев изјави дека членството на земјата во ЕУ е наша перспектива и без било каква друга алтернатива и покрај разочарувањето од блокирањето на евроинтегративниот процес од страна на Бугарија.

“Посветени сме целосно на овој процес затоа што нè водат европските вредности кои се и наши вредности и кои со сите политики што ги имплементираме ја остваруваат европеизацијата и тоа е нашата најсилна мотивација. Целта на Република Северна Македонија не е членство poради членство туку за постигнувањето на стандардите и имплементацијата на тие стандарди во сите сфери на нашето општество” – рече премиерот Заев.

“ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија. Сите реформи во земјата се спроведени или се во тек, со соседите решивме прашања коишто беа отворени по неколку децении, како што беше Договорот од Преспа со Грција, или Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Северна Македонија е успешен модел на функционална мултиетничка заедница и лидер на регионалната соработка, а со членството во НАТО станавме фактор на стабилност на Западен Балкан” – убеден е премиерот Заев.

За иницијативата Отворен Балкан, премиерот Заев потенцираше дека не е алтернатива за членството во ЕУ, туку процес кој ја забрзува евроинтеграцијата во земјите од регионот.