КРЕДИБИЛИТЕТОТ НА ЕУ ЌЕ СЕ СРУШИ АКО НЕ СЕ ОТСТРАНИ БУГАРСКОТО ВЕТО, ПЕНДАРОВСКИ: ЗАГРИЖУВАЧКА Е ПОДЕЛЕНОСТА ВО НАШЕТО МУЛТИЕТНИЧКО ОПШТЕСТВО ЗА ПРАВЕЦОТ ПО КОЈ ШТО ТРЕБА ДА СЕ ДВИЖИМЕ

0
804

Претседателот Стево Пендаровски гостуваше на интервју во Канал 5 кај новинарот Гоце Михајлоски. Најголем дел од неговите одговори беа поврзани со надворешната политика и евроинтеграциите.

Претседателот искажа дека во Северна Македонија постои тренд на длабока меѓуетничка поделеност наведувајќи податоци од анкети дека иднината на државата во сојуз со НАТО и ЕУ ја гледаат 23% од граѓаните, а во евроазиска унија околу 20% и нешто под 10% се за воена неутралност на државата. Исто така, Албанците се недвосмислено со над 80% насочени кон ЕУ и НАТО, а додека кај Македонците е многу подлабока поделеноста за тој по кој правец треба да се движиме.

Претседателот истакна дека не би било оправдано да ја кочиме Албанија во евроинтеграциите доколку тие ги задоволуваат објективните критериуми за почеток на преговори доколку во најлошо сценарио, нашиот спор со Бугарија се одолговлекува со години. Како реална пречка го наведе фактот што Бугарија по парламентарните избори, се соочи со поголема фрагментација на односот на силите во Парламентот и е неизвесно дали ќе има техничка Влада која што ќе нема надлежност за решавање на спорот додека не се случат нови брзи избори во јули. Предноста во евроинтеграциите е тоа што Северна Македонија би имала поддршка уште во текот на преговорите особено за стратешката инфраструктура. Во тој контекст, тој најави дека премиерот Заев наскоро ќе има средба со Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен на која што ќе се разговара и за идните вложувања во железницата кон Србија.

Во средбите со европските и НАТО претставници, било ценето тоа што актуелната власт почнува да се справува со криминални дејства и на поддржувачи на власта на СДСМ па дури и со екс генералниот секретар на Владата а не само со претходната власт од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа треба да го подобриме 111-тото место по перцепција на корупцијата додека го решаваме спорот со Бугарија и така да заличиме на држава-кандидат за ЕУ.

Во однос на големата акција за спречување на транзитот на голема пратка со дрога во која што беше уапсен и полициски командир во Прилеп, Пендаровски рече дека МВР активно работела на терен за спроведување на оперативна акција и со помош на ДЕА и нивни дополнителни сознанија. Но исто така посочи дека во Северна Македонија, авторитет да пресретнуваат, да апсат, да обвинуваат и пресудуваат се соодветните државни институции а не надворешни институции. Отворено демантираше спинови на ВМРО-ДПМНЕ дека наводно ДЕА само формално 10 минути пред акцијата го информирала МВР а притоа самостојно ја реализирала акцијата на терен.

На новинарско прашање за возилото кое што сака да го набави Претседателот, одговори дека неговата институција има потреба од скромно возило со цена од 20-25 илјади евра а не луксузно возило Мерцес или Ауди бидејќи ова што го има на располагање, веќе е несигурно и може да им откаже по пат. Целата таа набавка ќе оди преку Службата за општи и заеднички работи.

Дополнително наведе дека живееме во сиромашна држава и мораме поодговорно да ги трошиме парите. Наведе дека еден владин авион би чинел до 20 милиони евра за да биде безбеден но тие трошоци ќе наметнеле лоша перцепција кај народот и поради тоа патува со комерцијален лет за да стигне на официјални средби во Брисел и другите европски метрополи.