ПАТРИОТОТ-МОТОРЏИЈА ЛЕНИН ЈОВАНОВСКИ СЕ ПОЖАЛИ: ШИЛЕГОВ НАМЕРНО ГИ ИГНОРИРА ПРЕВОЗНИЦИТЕ И НЕ НИ ГИ ИСПЛАЌА ПАРИТЕ НАВРЕМЕ

0
1173

Претставникот на приватните автобуски превозници, Ленин Јовановски гостуваше во емисијата “Што не е јасно?” ги искритикува градските власти поради тоа како се однесуваат за помошта кон превозниците.

Рече дека со Шилегов имал ретки контакти за разлика од ситуацијата со претходните градоначалници. Спомна дека иако поранешниот градоначалник Пенов бил против приватен превоз, сепак со него почесто се среќавале во минатото и успевале да најдат коректен јазик за комуникација. Со Шилегов се видел само два пати во текот на целиот негов мандат, и тоа еднаш кога наводно Шилегов не бил многу заинтересиран и си чепкал во мобилниот телефон. Затоа е незадоволен од денешната локална власт, не ги сослушувал и не реагирал на нивните барања особено во текот на корона кризата. Исто така се пожали дека градот ненавремено им ги исплаќал парите што требале да ги добиваат како поддршка. Се обраќале и кај централната власт и единствено му е благодарен на премиерот Заев бидејќи им овозможил помош за по две плати по вработен од овие фирми.

Истакна дека во текот на короната, било катастрофално што Град Скопје инсистира да се вози по редуциран возен ред а притоа автобусите брзо се преполнуваат и не може да се задоволат потребите на оние граѓани кои што се посиромашни и немаат друга алтернатива за економичен превоз. Според него, оваа категорија на луѓе заслужува подобар градски превоз и поредовен. Дури и со маски на лицата, автобусите се преполни внатре и претставува ризик за време на патувањето од една до друга станица. Како контраст спомна дека побогатите граѓани не користат автобуски превоз па и да се заразат некаде, можат да си дозволат приватно лекување и поголеми шанси да преживеат од корона. Посиромашните не можат да си го дозволат тој луксуз и секогаш се први на удар.

За Шилегов единствено го пофали проектот за брз автобуски превоз во град Скопје кој што претставува амбициозен и еколошки проект ако се изведе до крај во разумно време. За споредба го наведе градот Минхен од каде што набавувале автобуси на метан со кои што сакале да придонесат за помало градско загадување. За разлика од Скопје, таму го користат градскиот превоз голем број на граѓани а не само социјално ранливите категории.