ДЕНЕС ЗАПОЧНУВА СОБИРАЊЕТО ПОТПИСИ ЗА НЕЗАВИСНИТЕ ЛИСТИ: РОКОТ Е ДО 30-ТИ АВГУСТ НА ПОЛНОЌ

0
693

Собирањето потписи за независните листи за учество на локалните избори започнува денес и ќе заврши на 30 август на полноќ. Повеќе граѓански групи најавија собирање потписи и веќе јавно се промовираат во јавност.

Вчера беше најавена граѓанската иницијатива “Шанса за Центар” која произлезе од НВО “Здравје пред профит” и активисти и експерти од областа на архитектурата, урбанизмот, животната средина, спортот, култура и др. кои сакаат подобрување на квалитетот на живот во општина Центар. Поддршка ќе бара и граѓанската иницијатива “Независни за Карпош – за заштита на Карпош”, а уште од пролетта во Охрид беше промовирана една група граѓани кои се очекува да собираат потписи за кандидирање на локалните избори. Во Прилеп потписи ќе собира независната листа “Че вреди!”.

Потписите се собираат пред службените лица на ДИК и пред надлежен нотар на образец утврден од Комисијата во терминот од 8 до 20 часот.

Подносителот на листа бира пред кои нотари ќе се собираат потписи и за тоа треба да ја извести ДИК. Трошоците за собирање на потписи пред нотар ги сноси подносителот на листата. Секој избирач може да го даде својот потпис за повеќе независни листи. Граѓаните кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на општината каде што се кандидираат.

Бројот на потребни потписи зависи од бројот на население во општината. За општина со големина до 10 000 жители потребни се најмалку 100 потписи од вкупно запишаните гласачи во Избирачкиот список за општината. За општината од 10 001 до 30 000 жители потребни се најмалку 150 потписи од запишаните гласачи.

За општината од 30 001 до 50 000 жители потребни се најмалку 250 потписи, а за општината од 50 001 до 100 000 жители – најмалку 350 потписи. За општина над 100 001 жители потребни се најмалку 450 потписи.

Кампањата за локалните избори започнува на 27-ми септември на полноќ и ќе трае до полноќ на 15-ти октомври.