Зијадин Села, лидерот на Алијанса за Албанците, го осуди вчерашниот протест, на кој беше побарано Врховниот суд да ги поништи пресудите против сите осудени за настаните во Собранието и да го обнови судењето за упадот во Собранието на 27. април 2017.
Села тогаш беше најтешко повреден, откако медиумите таа вечер објавија вознемирувачки фотографии за неговата состојба, а речиси еден час јавноста немаше информации дали тој е жив.
“Чудно е што досега некои се обидуваа да се оградат од тие настани сакајќи да покажат дека се реформирани. Вчерашниот протест е скандал. Не само дека се терористи тие што се во затвор а оние што тоа го организираа однадвор се хулигани, варвари и кукавици. И сите што нив ги поддржуваат, треба да знаат дека на такви кукавици им даваат поддршка. Други се тие невини лица кои лежат во затвори, тоа се Албанци на кои им се монтираат политички процеси. Вчерашниот протест уште еднаш гласно покажува дека некој во Македонија сака да воспостави двојни аршини, а тоа не е добро за државата” – рече Села.