АПЛИКАЦИЈА АУДИОЧИТАЧ ЗА ПОМОШ НА СЛЕПИТЕ ЛИЦА, ШАХПАСКА: СПРОВЕДУВАМЕ ИНКЛУЗИВНИ ПОЛИТИКИ ЗА ПОДОБРА КОМУНИКАЦИЈА

0
628

Слепите лица и лицата со оштетен вид во земјава денес добија апликација со која ќе им се овозможи пишаниот текст да го чујат во гласовна форма. Апликацијата “Кико” ќе биде бесплатна, достапна во мобилна и десктоп верзија, сега на македонски јазик, а за неколку месеци и на албански јазик. Покрај слепите и лицата со оштетен вид, апликацијата ќе можат да ја користат и лица со потешкотии во учењето.

“Слепите лица и лицата со оштетен вид првпат ќе добијат функционална современа и соодветна алатка која ќе им овозможи поголема независност во сите сфери на општествениот живот. Апликацијата аудиочитач ќе биде достапна во мобилна и десктоп верзија. Ќе биде лесно разбирлива, а текстот ќе се изразува со природен глас. Оваа апликација е голем исчекор напред затоа што во моментов тие слушаа роботски глас, кој е несоодветен и нецелосно разбирлив” – рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

“Овие лица имаат право за непречена комуникација слободно изразување и слободен пристап до сè што ги опкружува, а оваа апликација го овозможува токму тоа, непречена комуникација, непречено движење, целосно вклучување во општеството, како и зголемување на квалитетот на живот на слепите лица и на лицата со оштетен вид” – рече Шахпаска.

“Грижата за ранливите категории граѓани за нас како Влада, но пред се за МТСП е врвен приоритет. Градиме политики и преземаме активности да одговориме на нивните потреби. Мотото на лицата со попреченост “Ништо за нас без нас” е основата на која се темелат нашите политики кои ги градиме заедно со нив. Продолжуваме со нашите заложби за градење општество со еднакви можности за сите граѓани, кое ќе интегрира и вклучува, а не општество кое ќе дискриминира и исклучува” – рече министерката Шахпаска.