ГЕРАСИМОВСКИ НА БУЏЕТСКИ ФОРУМ : СО 25 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЌЕ СЕ УРЕДУВА КАПИШТЕЦ, ГИ СЛЕДИМЕ БАРАЊАТА НА ГРАЃАНИТЕ

0
328

Со низа предлози, сугестии и конструктивна дискусија на граѓаните и општинската администрација вчера заврши последната сесија на буџетскиот форум за креирање на буџетот на Општина Центар за наредната година.На завршниот буџетски форум за 2024, граѓаните побараа решение за затворање на улица Боемска и урбанизирање на делот зад Градежниот и Архитектонскиот факултет за да се добие побезбеден пристап на децата до основното училиште Коле Неделковски. Градоначалникот Герасимовски посочи дека интензивно се работи за надминување на овој проблем и најави уривање на бараката зад факултетот како дел од новото сообраќајно решение.

,,Остваривме средби со деканите на Градежниот и на Архитектонскиот факултет, како и со ректорката на УКИМ за да изнајдеме решение. Се согласивме дека треба да се искористи просторот зад факултетот, да се отстрани бараката и да се направи свртница која ќе биде функционална” рече Герасимовски.Локалната самоуправа го поддржа и предлогот на граѓаните од претходната буџетска сесија одржана во ноември за хортикултурно и партерно уредување на населбата Капиштец, за што веќе се обезбедени 25 милиони денари.

,,Овој проект на потегот од паркингот Зебра до паркот Капиштец ќе ја разубави населбата со ново зеленило, осветлување и со ново партерно уредување. Општина Центар и Капиштец го заслужуваат тоа” истакна Герасимовски.

На финалната буџетска сесија имаше предлози и од областа на образованието, како што се: дигитализација на училиштата, отворање научно-компјутерски центар, промоција и наградување на училишниот спорт, а се расправаше и за горливите проблеми, како што се паркирањето, бучавата од клубовите, узурпирањето на јавниот простор од страна на дуќаните и кафулињата.Преку  редовните буџетски форуми, Општина Центар транспарентно и отчетно ги дефинира приоритетите и проектите за поквалитетен живот на граѓаните