Колку ли само човекот инвестирал во тие ликови низ годините наназад – директори, министри, инспектори, новинари, медиуми, партии, деца за се’ …, просто неверојатно ако го удри есапот сега.
Деновите по неговото притворање колку можев се обидував да “сконтам” што сакаа писателите да кажат кога прстот за приведувањето на Камчев го вперија во брачниот пар Ременски.
Па се тркалаа деновите до рочиштето кога сведокот Камчев сведочеше, кажа што е што и по се’ изгледа разочара многумина.
На мое прашање во врска со што ми беше кажано, “па да објасниш ова што викаат за белешката, сопругот, АНБ итн.”. Бев кратка и јасна – немам намера да им давам живот на наменските шпекулации и да бидам портпарол на АНБ. Таа задача нека си ја преземат надлежните кои се повикани.
Интересна ми е “принципиелноста” на оние во кои инвестирал човекот јавно да го бранат и да ги застапуваат “неговите интереси”. Абе, тоа право, тоа наука, тоа принципи, институции и се’ по ред. Нешто слично како она “волк, волк, волк …”, за да на крајот никој не верува во таа посветеност за заштита на човековите права итн.
Толку била инвестицијата.
Очигледно го лажеле и многумина и за многу нешта штом дошла работата/проблемот до некаква службена белешка, а се’ друго било ОК.
Уште кога течеше судењето за случајот Рекет, зборував јавно дека, “кираџијата на адвокатот на Орце Камчев во случајот Империја” – (тогаш) директорот на УБК Горан Николовски Џони му ги должи најисцрпните одговори “Зошто дозволил да биде рекетиран и што тој како овластено службено лице презел да го спречи тоа, бидејќи не еден, туку 4 пати му било пријавено за 3 месеци”.
Не знам што прави Џони кога ретко е на работа (ризичен бил … од вирусот де), но слушам нон-стоп така ризичен, шпартал таму-ваму, лево-десно да “испегла” некоја грешка, да протури теза, да подгрее изладено млеко, да просее некое бело брашно …, само да не му падне збор дека бил “промашена инвестиција” и “пробиен манипулатор”. Па така, кога ќе се прошета до работа се пази да не го викне некој што не е негов во внатрешна контрола, за да го праша дали ја упишал куќата на Апостолски на негово име или уште плаќа (?!) кирија” или пак, да треба да каже каква службена белешка напишал за човекот.
Џони е “опасен” контраразузнавач нема што. Му фали само оној женски брифер “за да биде 100% верно” напишното. Крик-от го “извади” за Живаљевиќ, но се’ друго тешко оди пустото.
Не знам дали пратениците што биле вчера во контрола на АНБ ги добиле одговорите на прашањата и за случајот. Убедена сум дека Виктор Димовски немал ниту причина, ниту интерес да лаже – најмалку за овој случај. За жал, не можам да кажам дека Џони немаше интерес да лаже на надзорот во јули 2018 година – таму го штитеше интересот на скриениот шеф.
После се’ би било добро инвестираните да си направат еден “рестарт”, да се пребројат, да си ја преиспитаат “доктрината” и да сфатат дека “Неко меџу вама, није ваш”!
Апстрахирајте ги Ременски – тие се свои!