ЈОВЧЕСКИ : СВЕДОЦИ СМЕ ДЕКА ПРИЛЕП Е ПРЕТВОРЕН ВО МЕСТО КАДЕ ЦАРУВА КРИМИНАЛ, НАСИЛСТВО И БЕЗЗАКОНИЕ, ОРУЖЈЕ, ДРОГА КОИ ГО ПРЕПЛАВИЈА ГРАДОТ, АПЕЛИРАМ ДО МВР ИТНО ДА ГИ ПРЕВЗЕМАТ СИТЕ НЕОПХОДНИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА НА ГРАЃАНИТЕ

0
878

Прес конференција на градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески.

Почитувани медиуми, ова мое обраќање денес е насочено кон МВР а е предизвикано од низата насилни случувања во општина Прилеп.

Како избран од граѓаните се чуствувам одговорен и јас да реагирам, затоа што алармот од Советот, со неусвојувањето на последниот извештај од Полициската станица Прилеп очигледно не ви беше доволен.

Општина Прилеп мора да биди посигурно и побезбедно место за живеење.

Безбедноста на граѓаните и зголемување на довербата кон Полицијата во насока на поголема сигурност во своето место на живеење, е  мој приоритет кон кој како градоначалник на општина Прилеп ќе продолжам да  работам.

Сведоци сме во последно време дека градот е претворен во место каде што царува криминал, насилство и беззаконие.

Во изминативе неколку месеци се случија бројни настани во кои  беа нападнати службени лица на кои што за жал му беа нанесени тешки телесни повреди,  на своите работни места и извршувајќи ги своите работни задачи.

Оружје, дрога, запалени возила и насилници го преплавија градот,  а вакво нешто е едноставно недозволиво !

Јавно прашувам,  до кога одговорните службени лица и институции ќе го дозволуваат ова однесување на поединци, кои демонстрираат сила и моќ во градот, а со тоа го загрозуваат слободното и безбедно движење на сите мои сограѓани.

Апелирам до Министерството за внатрешни работи итно и неодложно да ги преземат сите потребни мерки за заштита на граѓаните.

Наша основна обврска е да направиме се што е потребно секој жител да се чуствува безбеден и сигурен во сопствениот град.

Прилепчани го бараат и го заслужуваат тоа !