Заедничка изјава на Јоханес Хан, Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл: Прекршувањето на Договорот од Пржино ќе им многу сериозни последици за државата!

0
1644

Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, и европратениците Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл денеска изразија жалење што лидерската средба со челниците на четирите најголеми партии во Македонија утре нема да се одржи во Виена.

– Како еврокомесар и посредници од Европскиот парламент, жалиме што лидерската средба, планирана за 22 април во Виена, нема да се одржи. Средбата имаше цел да ѝ помогне на земјата да најде начин да го имплементира Договорот од Пржино, со учество на потписниците на Договорот. Постојаните проблеми со владеењето на правото во Скопје, кои го поткопуваат овој договор, мора да се решат без понатамошно одложување. Ова особено се однесува на неодамнешното помилување од претседателот и за чекорите кои се итно неопходни за подготовка на веродостојни избори, кои би можеле да бидат признаени од меѓународната заедница“, стои во заедничката изјава на еврокомесарот и на европреатениците.

Во соопштението се наведува дека тие остануваат посветени да им помагаат на политичките партии во надминувањето на политичката криза, но оти партиите се тие кои треба да ги преземат следните чекори.

„Ние остануваме силно посветени и достапни да им помагаме на партиите. Сепак, истакнуваме дека одговорноста да се осигури демократскиот процес и напредокот кон евроатланскиот пат, останува на самите партии, во име на граѓаните на нивната земја. Сега ним им е ред да испорачаат и да го дефинираат патот напред. Ние постојано велевме дека прекршувањето на Договорот од Пржино ќе им многу сериозни последици за државата. Длабоко жалиме за ретроградните чекори, кои уште повеќе ќе ја оддалечат земјата од нејзините аспирации за членство во Европската Унија. Во отсуство на каков било понатамошен прогрес, принудени сме да ги разгледаме понатамошните активности за да се исполнат барањата кои се јасно поставени од Европскиот совет, Европската комисија и од Европскиот парламент“, порачуваат еврокомесарот и европратениците.

Дипломатите од Брисел, исто така, им дадоа поддршка на граѓанските организации и на протестите.

„Ние, исто така, ги земаме предвид изјавите и акциите на граѓанското општество во земјата и да ја изразуваме нашата целосна поддршка за сите мирољубиви напори да се обезбеди плурализам и слобода на мислење, кои се централни вредности во сите европски демократии“, стои во заедничката реакција.