Генерал Стојанче Ангелов: Достоинство би коалицирало со Љубчо и Љубе, но никогаш со ВМРО-ДПМНЕ

0
1491

Претставниците на Достоинство ги напуштиja преговорите уште на првата средба на т.н. „центро-десничарска” коалиција бидејќи за нас е тешко прифатливо да бидеме дел од коалиција во која учествува и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, вели во изјавата за МКД.мк претседателот на партијата Стојанче Ангелов по денешната информација дека преговорите за окрупнување на Коалицијата за промени и правда пропаднаа.

Ангелов вели дека деновиве од Достоинство не излегувале во јавноста со изјави за текот на преговорите затоа што не сакале да наштетат на можното окрупнување на опозицијата.

„Но, сега треба да појасниме некои работи. Додека ние од Достоинство безмалку 10 години водиме жестока војна со режимот на Никола Груевски, војна во која многу од нас настрадаа, партијата на Павле Трајанов, Демократскиот сојуз, ги уживаше и сѐ уште ги ужива привилегиите на истиот тој режим против кој ние се бориме. Додека ние се смрзнувавме со Отпорот, додека ние организиравме протести пред МТВ, додека секој ден учествуваме на Шарената револуција, ДС уживаше во привилегиите на власта. Нашето незадоволство не се однесува на Јове Кекеновски и неговото здружение на граѓани ФРОДЕМ бидејќи за него е неспорно дека безмалку цели две години е искрен борец против Никола Груевски“, вели Ангелов и додаде дека Достоинство би прифатило коалиција со ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски и Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски.

На прашањето за можна соработка со ВМРО-ДПМНЕ по изборите, Ангелов одговори дека без разлика на одлуката на Георгиевски и Бошкоски, тој исклучува каква било можност за постизборно коалицирање.