ЈАНИ БОЈАЏИ СЕ ЖАЛИ: МОМИРОВСКИ МИ ПРАВИ ПУЧ ВО ТВ АЛФА, СВЕДОЧИ ПРОТИВ МЕНЕ НА СУД, ИАКО ЖИВЕЕ ВО ГЕРМАНИЈА И ВОДИ ЕМИСИЈА ОНЛАЈН?!

0
1211

Деновиве бев на суд. Тужени сме телевизијата и јас како одговорно лице. Станува збор за работен спор. Пред две години две лица на раководна позиција беа разрешени и поставени на нови работни места. Но тие беа незадоволни, сакаа да бидат директори и продуценти! Замислете, во приватна компанија, бараат со сила, против волјата на сопственикот и менаџментот да управуваат со неа. Ова ви се чини неверојатно, нели? Но, вистина е. Започнаа судски спор. Основен аргумент им е тоа дека јас сум ги разрешил неправедно.

Главен сведок им е уредник, вработен во телевизијата. Невидено, човек за кој сите знаат дека живее надвор од Македонија и дека спротивно на сите правила и добри практики на професијата новинарство уредува онлајн емисија од странство, даде изјава за односите помеѓу менаџментот во фирма во која престојува ретко и повремено. Адвокатот на Алфа реагира, го прашува сведокот колку часа неделно тој доаѓа на работа и во кое време од денот, за да ги познава односите во друштвото. Судијата не дозволува прашања кон сведокот на тужителот и започнува да го наведува што да изјави и што да биде воведено во записникот. Тој, судијата. Зборува тужителот, повторно судијата го води низ океаните на мудроста и му ги составува речениците, па ги преформулира, адаптира и воведува во записникот. Одбива во записникот да биде запишана изјавата на тужителот дека никогаш не сум го навредил! Циркус!

Зборувам јас. Судијата тешко дише, воздивнува, возрасен судија, жена, не може да си го додржи анимозитетот кон мене, не може да ме слуша и да ме гледа, се бори со мене и со моите изјави, се обраќа кон адвокатот „да ме заштител од мене самиот, не сум требало да го кажувам тоа што го кажувам“, а го кажувам тоа што го знам: дека не може некој без адекватно образование, квалификации, знаење и вештини за таа работа да бара да биде менаџер во приватно друштво и да управува со него! Ѝ велам дека таа не ми суди мене, туку на капитализмот! Не допира до неа. Сосема е јасно, ќе ме осудат. Јас сум Јани Бојаџи, а ја застапувам телевизијата што тие не ја поднесуваат! Завршува расправата. Го чекаме записникот, веќе ги знам процедурите. Записничарката типка по тастатурата. Тишина.