ЈАНЕВСКА : ВО ДРЖАВАТА НЕДОСТИГААТ ОКОЛУ 10.000 РАБОТНИЦИ, ЗАВАРУВАЧИ, СЛАТКАРИ, ПЕКАРИ, МЕСАРИ, НО ТЕКСТИЛНИ ТЕХНИЧАРИ И ИНЖИНЕРИ

0
288

Во Македонија недостигаат над 10.000 работници во моментов. Нема машински техничари, заварувачи, слаткари, пекари, касапи, месари, млекари, но и текстилни техничари, инжинери.

За оваа, но и за други теми како дуалното образование, увозот на работна сила и преквалификации во стопанството во интервју за утринската програма „Слободен печат“ на Слободна ТВ, разговараме со Наташа Јаневска, проектен менаџер во Стопанската комора на Македонија.На прашањето зошто менаџерите инсистираат на увоз на работници и колку невработени има во Агенцијата за вработување Јаневска констатира дека од над 100.000 невработени скоро половина се пасивни баратели на работа.

– Стопанската комора будно ги следи проблемите со обезбедување на работна сила на компаниите. Анализите кои ги правиме покажуваат дека 60 отсто од компаниите имаат недостиг на работна сила. Најчесто кога ги прашуваме велат дека од една страна тоа се несоодветни вештини и компетенции, незаинтересираност да бидат вработени или се без работно искуство. Од друга страна, Агенцијата за вработување ги става нашите анализи во оперативниот план за обуки со цел да им помогне на компаниите за преквалификации. Но често се случува сите кои бараат работа воопшто да не се заинтересирани за овие обуки зошто ако ја поминат обуката треба да се вработат во фирмата која има потреба за таков работник. Но и со таква понуда се случува да нема заинтересирани за работа- вели Јаневска.

Таа објаснува дека недостигаат работници од сите занимања. Но кои професии недостигаат, зависи од региони.

-Потребите се различни во зависност од тоа за кој регион станува збор. Најмногу недостигаат машински техничари, заварувачи, слаткари, пекари, касапи, месари но и млекари, текстилни техничари, инжинери- вели Јаневска.За дуалното образование објаснува дека на него се работи од 2013 година.

-Години наназад се обидуваме да создадеме кадри кои им се потребни на стопанството. За среќа последниве неколку години се приближуваат стопанството и образованието. Во 2017 година беа вклучени три компании со 3 училишта во дуалното образование, во 2019 година 11 компании, годинава дури 560 компании се вклучени. Со дуалното образование додека учат теорија влегуваат и во производен процес и ги учат сите вештини на компанијата, учениците стануваат дел од комапанијата- вели Јаневска.

Според официјалните податоци годинава за прв пат стручното образование го надмина гимназиското. Дури две третини од учениците се запишаа во
стручно образование, а дел од нив се во дуално образование.