ШОКАНТНА БОМБА НА ПОРТАЛОТ 360 СТЕПЕНИ : ВТОР СМРТЕН СЛУЧАЈ ВО ЗАТВОРОТ ВО ШУТКА

0
837

Ова е втор смртен случај во затворот за една недела. На 8 април почина притвореник, кај кој посмртно беше утврден ковид-19

Уште едно лице почина во затворот во Шутка, потврдија од Министерството за внатрешни работи за „360 степени“.

Случајот е пријавен во полиција денеска во 15:05 часот. Од МВР велат дека екипи прават увид на местото и се уште нема подетални информации за случајот, ниту за причините за смртта.

Инаку, ова е втор смртен случај во затворот во една недела. На 8 април почина притвореник, кој посмртно покажа позитивен резултат на тестирањето за ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека тој починал од срцев удар, а во затворот бил примен на 8 март, без симптоми.

По смртниот случај, надлежните информираа дека се засилени мерките за превенција од ширењето на коронавирусот.  Деновиве започна и тестирање на затвореници и вработени во истражниот затвор, а според последните информации од Министерството за здравство, до петокот биле земени брисеви од 30 притвореници.

Ризикот од ширење на епидемијата во казнено-поправните домови побуди револт кај затворениците. На социјалните мрежи тие споделуваа снимки од затворот на кои се гледа како во знак на протест фрлаат чинии од прозорци или тропаат по ѕидови и решетки.

Затворениците бараат засилени мерки за заштита и се жалат дека мал е бројот на оние кои се тестирани. Велат дека затворите се „темпирана бомба“ за ширење на епидемијата, а најавија и штрајк со глад.

На прашањео дали после првиот позитивен случај на заболен со ковид-19 во казнено-поправна установа се размислува за отпуштање на затворениците со помали казни по примерот на други земји, министерот Филипче на една од прес-конференциите рече дека прво ќе се чекаат анализите за случајот, па потоа ќе се донесе одлука како ќе се постапи натаму.