Чврга од германскиот пратеник Јуратовиќ по коцкестата диктаторска глава на Грујо : Грешка е што Груевски беше примен во Берлин

0
1280

Не е точно тврдењето дека Германија не се ангажира доволно во Македонија и на Балканот, но не можеме да спроведуваме диктат, вели во разговор за Дојче велепратеникот на СПД, Јосип Јуратовиќ.

Христијанско-демократската унија направи грешка што го покани поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во Берлин во пресрет на изборите во Македонија, вели во разговор за ДВ пратеникот на германските социјалдемократи и член на парламентарната Комисија за надворешна политика, Јосип Јуратовиќ.

Во Комисијата на Бундестагот, чиј член е Јуратовиќ, вчера со загриженост се разгледуваше состојбата на Балканот, а акцентот беше ставен на состојбите во БиХ, Србија и Косово. Оценките варираа, слично како и проценката за улогата на Германија во регионот. Македонија не беше на дневен ред на седницата.

Со исклучок на изјавата на шефот на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмајер, дадена веднаш по изборите на 11 декември, официјален Берлин одлучи да се држи понастрана од случувањата во Македонија во периодот додека се кова новата владина коалиција. Резервираноста, според пратеникот Јуратовиќ, не се должи на незаинтересираност, туку на ставот дека „Берлин не сака да спроведува диктат“.

„Имаме криза во ЕУ, а во Германија почна веќе изборната кампања. Со оглед на состојбата која владее и на глобален план и во ЕУ, не може никој да се пожали дека Германија не се ангажира доволно“, вели пратеникот со хрватско потекло.

Тој потсетува дека Германија во екот на кризата го испратила специјалниот пратеник, амбасадорот Јоханес Хајндл да посредува паралелно со еврокомесарот Јоханес Хан и да помогне во организацијата на изборите.

Неговото мислење, сепак, целосно не го дели пратеникот на ЦДУ, Торстен Фрај, член во истата комисија.„На Балканот имаме темелни проблеми и предизвици кои се исцртуваат по етнички линии. Затоа се залагаме ние, како ЕУ, но и Германија, појасно да се ангажираме на Балканот“, вели Фрај. Сепак, тој ангажман, германскиот парламентарец го дефинира низ призмата на реалполитиката.

„Политиката започнува со согледување на реалноста. Секогаш морате да погледнете кои ви се можните партнери во земјата“, го објаснува Фрај градењето на позициите во однос на балканските моќници.

Спорна посета

Но, токму сестринските партии – Христијанско-демократската унија на канцеларката Ангела Меркел и баварската Христијанско-социјална унија (ЦДУ-ЦСУ) – го нагостија лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во Берлин во септември минатата година. Официјално, на тој начин сакале да му се заблагодарат за затворањето на балканската рута. За демократските дефицити, спроведувањето реформи или политичката криза, не беше соопштен ниту збор.

Посетата мина речиси незабележано во германскиот печат, со исклучок на магазинот Остеуропа, кој остро ја критикуваше ваквата пракса на германските демохристијани.За волја на вистината, ПиАр фирмите ангажирани од ВМРО-ДПМНЕ во Германија нудеа интервју со Груевски во повеќе водечки медиуми, но ниту едно не беше реализирано. За причините можеме само да нагаѓаме.

Јуратовиќ вели дека Груевски успеал да стигне до кабинетот на Меркел и да разговара со некој од нејзините пониски советници. Но, и тоа го толкува како грешка на канцеларката.

„Мислам дека беше погрешно што ЦДУ му организираше посета на Груевски на Германија во пресрет на изборите. Тоа се погрешни сигнали“, вели социјалдемократот. Сега само се надева дека во земјата нема да се повтори истата состојба како пред изборите.

„Се надевам дека ќе проработи демократската свест и ќе профункционира барем парламентот. Таква ситуација веќе не е одржлива“.

Јуратовиќ одбива да прогнозира каква би била реакцијата на официјален Берлин доколку Груевски повторно застане на чело на владата, а критиките дека Германија не се ангажира доволно во кризата ги отфрла со зборовите „не можете никого да присилувате да му биде добро“.

„Мора да се гради општествена свест. Ние не сме во ситуација, и тоа не го сакаме, да спроведуваме диктат на Балканот. Можеме да понудиме помош, да пружиме рака, оној кој сака да ја прифати раката – добро, кој не сака – не мора. На терен имаме многу активни фондации и граѓански организации, но ние не можеме да им диктираме на граѓаните за кого да гласаат“, вели Јуратовиќ.