ЦРНО ИМ СЕ ПИШУВА НА АМЕРИКАНЦИТЕ – ТРАМП ВО ПЕТ КЛУЧНИ ДРЖАВИ ВОДИ ПРЕД БАЈДЕН И ТОА НА ЕДНА ГОДИНА ДО ИЗБОРИТЕ ВО САД

0
372

Точно една година пред претседателските избори во САД, анкетата објавена денес во „Њујорк тајмс“ покажува дека претпоставениот републикански кандидат Доналд Трамп го води претседателот во заминување Џо Бајден во пет од шест клучни држави, бидејќи демократот ја губи поддршката меѓу младите и малцинствата.

Според анкетата на „Њујорк Тајмс“/Колеџот Сиена, републиканскиот милијардер води пред неговиот демократски предизвикувач во Невада (52/41 отсто), Џорџија (49/43), Аризона (49/44), Мичиген (48/43) и Пенсилванија (48/44), а Џо Бајден води во Висконсин (47/45). Во сите овие држави, Џо Бајден победи во 2020 година.

Анкетата била спроведена телефонски од 22 октомври до 3 ноември меѓу 3.662 регистрирани гласачи во шест држави. Нејзините резултати треба да се земат со претпазливост бидејќи до изборите има уште една година, а маргината на грешка е меѓу 4,4 и 4,8 процентни поени, во зависност од државата.

Но, овој тренд не му оди во прилог на Џо Бајден, бидејќи 67 отсто од испитаниците сметаат дека земјата оди во лоша насока, 59 отсто не го одобруваат начинот на кој тој ги извршува своите претседателски должности (меѓу нив 46 отсто воопшто не го одобруваат) и 71 процент сметаат дека тој со 80 години е „премногу стар за да биде успешен претседател“.

Бајден губи најголема поддршка кај младите, а само 41 отсто од младите на возраст од 18 до 29 години велат дека сигурно или веројатно ќе гласаат за него, додека 40 отсто од младите од истата група ќе гласаат за Трамп.