ФРАНЦУСКАТА ДРЖАВНА СЕКРЕТАРКА ЗА ЕВРОПА : ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ Е МОЖНО ДА СЕ СЛУЧИ И ПРЕД 2030 ГОДИНА

0
488

Европското проширување е можно да се случи и пред 2030 година – вели француската државна секретарка за Европа Лоренс Бун.

На панелот посветен на носењето одлуки во Унијата, од Блед таа ја појасни пораката која претходно ја испрати францускиот Претседател Емануел Макрон, дека пред следното проширување, потребни се реформи на Унијата, но тоа воопшто не значи дека вратите се затворени..

-Ние сме 27, може да бидеме и над 35 (земји-членки) со надеж што побрзо. Знам дека Шарл Мишел рече до 2030 година, може да биде дури и побрзо. Но, потребно е да се реформираме себеси и земјите кандидатки исто така да се реформираат себеси. – Лоренс Бун – Државна секретарка на Франција за Европа

Францускиот Претседател Макрон за време на годишното обраќање пред француските амбасадори во Париз упати порака дека Европа треба да се реформира во Унија на неколку брзини. Според него, функционирањето со 27 земји-членки е доволно комплицирано, а тоа нема да биде поедноставно со 32 или 35 членки.

-Ако сакаме да бидеме по силни и по стабилни, ние мораме да одиме по патот на проширувањето, особено во поглед на Западен Балкан, бидејќи е невозможно да се има Европа која има одредени геополитички нестабилности, влијание и еден вид на бескраен процес кој храни очај и поделби. Ризикот е да се повтори тоа што веќе го имаме направено. Тоа е да се размислува за проширување без интеграција. Можам да посведочам доста лесно дека Европа на 27 (земји –членки) и е доволно тешко да напредува на чуствителни теми. Европа со 32 или 35 (земји-членки) нема да биде поедноставна, да бидам скромен. И затоа потребна ни е одредена смелост да прифатиме поголема интеграција на одредени политики. Можеби и неколку брзини на оваа Европа. – Емануел Макрон – Претседател на Франција

Иако Франција важи за земја скепктик на европското проширување, сепак француската државна серкетарка Бун вели дека постои прозорец на можности за земјите кандидатки, пред се, поради актуелниот состав на Европскиот парламент за кој оцени дека е наклонет кон поширувањето, но и поради геополитичката средина во која се наоѓа континентот.

-Постои голем прозорец на можности. Имаме поволен Европски Парламент. Тоа можеби нема да биде така по европските избори во јуни. Треба да го имаме предвид тоа. Имаме геополитичка средина која прави притисок врз сите и мислам дека има единство. Можеби имаме разлики, но секогаш сме успеале да го задржиме тоа единство и треба да го искористиме тоа сега, пред да се променат работите.- Лоренс Бун – Државна секретарка на Франција за Европа

Макрон не објасни во детали како мисли дека ќе функционира Европа со различни брзини, но рече дека е потребен ремонт на процедурите на ЕУ за да се одржи нејзината привлечност.

Според неколку француски функционери, владата на Макрон работи на неколку предлози за Европа со различни брзини, при што би биле формирани неформални групи на земји членки кои би работеле на конкретни области.

Макрон најави и дека ќе ги каже своите ставови за проширувањето на ЕУ во наредните неколку месеци, пред изборите за европскиот парламент.

Пораката на Макрон доаѓа во исто време, со говорот на претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел кој од Блед истакна дека за седум години од сега, односно до 2030 година, двете страни и Унијата, но и земјите кандидатки треба да бидат подготвени за ново проширување.