ФОКУС : ВМРО-ДПМНЕ ВОДИ ПРЕГОВОРИ СО ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ И ЉУБЕ БОШКОСКИ, ДУИ РАБОТИ НА СОЗДАВАЊЕ НА АЛБАНСКА КОАЛИЦИЈА СО ЗИЈАДИН СЕЛА И ПАРТИИТЕ НА СКЕНДЕР РЕЏЕПИ И АРИЈАНИТ ХОЏА

0
510

ВМРО-ДПМНЕ води преговори за предизборна соработка со поранешни и сегашни партнери на СДСМ, како што се партиите на Павле Трајанов и Љубе Бошкоски и неколку субјекти што ги претставуваат „помалите“ етнички заедници. Истовремено, ДУИ работи на создавање на албанска коалиција со Зијадин Села и партиите на Скендер Реџепи и Аријанит Хоџа. Иако формална предизборна соработка меѓу ДУИ и СДСМ е исклучена, сепак, речиси сигурна е поддршката на „интегративците“ за Стево Пендаровски во вториот круг од претседателските избори.

Иако до двојните избори во мај има уште 2 месеци, големите политички партии водат интензивни преговори за формирање на предизборни сојузи, со кои би обезбедиле што поширок фронт за поддршка на сопствените претседателски кандидати, а потоа заеднички би настапиле на парламентарните избори.Според информации на „Фокус“, опозициската ВМРО-ДПМНЕ речиси ги има затворено преговорите со досегашните традиционални коалициски партнери, но истовремено преговара и со нови потенцијални партнери, од кои голем дел биле или се уште се дел од владејачката коалицијата, па и парламентарното мнозинство.

Меѓу нив се Демократски сојуз на актуелниот пратеник и поранешен министер за внатрешни работи Павле Трајанов, кој беше дел од владејачката коалиција се до усвојувањето на т.н. „француски предлог“. Откако Трајанов не го поддржа овој предлог, излезе од коалицијата на СДСМ и Димитар Ковачевски, а сега води преговори за соработка со ВМРО-ДПМНЕ.

Исто така, преговори со опозициската партија води и Обединети за Македонија на уште еден поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. За време на владеењето на Никола Груевски, тој беше осуден и затворен, па потоа соработуваше со владата на Зоран Заев. Сепак, во меѓувреме се дистанцираше од власта и сега преговора со ВМРО на Христијан Мицкоски.Покрај нив, на преговори во Белата Палата одат уште неколку „помали“ партии кои се дел од владејачката коалиција, при што некои се и парламентарни партии, со оглед дека нивните партиски лидери истовремено се и републички пратеници. Станува збор за партиите што ги претставуват „помалите“ етнички заедници, како српската и турската.

Додека ВМРО-ДПМНЕ работи на зголемување на опозицискиот блок, се очекува владините коалициски партнери наскоро да пресечат околу начинот и формата на соработка за претстојните избори. Како што велат за „Фокус“ владини извори, има интензивна комуникација меѓу СДСМ и ДУИ, но формална предизборна коалиција практично е невозможна.Односно, велат тие, отпаѓа варијантата социјалдемократите и интегративците да настапат со заеднички пратенички листи, откако ДУИ одлучи да го кандидира Бујар Османи за претседател, што беше реакцијата на кандидатурата на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, зад кој стои албанскиот опозициски блок на Беса, Алтернатива и Демократско движење.

Меѓутоа, се очекува во вториот круг ДУИ да застане зад Стево Пендаровски во битката против Гордана Силјановска-Давкова, иако, потенцираат нашите соговорници, поддршката на терен можеби нема да биде толку силно изразена како на минатите избори, поради тоа што Пендаровски со непотпишувањето на указот на Законот за игри на среќа предизвикал револт кај многумина во Мала Речица.Паралелно со тоа, дознаваме дека лидерот на ДУИ Али Ахмети работи на формирање на еден албански блок, па во таа насока преговара за предизборна соработка со Зијадин Села, кој тврди дека го има и легитимитетот и легалитетот во АА по судирот со Таравари. Воедно, Ахмети преговара со двете „помали“ партии на Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи Зејд, кои се довчерашни функционери на Беса и Алтернатива.