ФОКУС : БИЉАНА АНГЕЛОВА Е НОВ РЕКТОР НА УКИМ

0
494

Професорката Биљана Ангелова од Економскиот институт е нов ректор на УКИМ, неофицијално дознава „Фокус“.Според нашите информации, таа денес убедливо ги победила останатите пет кандидати, кои ја водеа битката за иден ректор на УКИМ. Но, се уште не се знаат точните бројки.Ангелова во Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.

 Во периодот 2006 – 2008 година била раководител на втор циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Била прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт.

Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Комисијата за издавачка дејност на Универзитетот.„Фокус“ пред две недели направи интервју со професорката Ангелова како еден од кандидатите, каде што таа кажа приоритет ќе и биде вработување на нов наставен и ненаставен кадар.