УНГАРИЈА ГО ПРЕЗЕМА ПРЕТСЕДАВАЊЕТО СО ЕУ

0
58

Фото : Пиксабеј

Унапредување на политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, зајакнување на заедничката одбрана и подобрување на европската конкурентност, се трите врвни приоритет на претседавањето на Унгарија со Европската Унија во следните шест месеци, што официјално стартува утре и чие мото е „Да ја направиме Европа повторно голема“.

Како што информира постојаниот претставник на Унгарија при ЕУ, Балинт Одор на прес-конференција во Брисел на која ја презентираше унгарската програма за претседавањето со блокот, Будимпешта има седум приоритети.

Покрај проширувањето, одбраната и конкурентноста, меѓу приоритетите на унгарското претседателство ќе бидат и зајакнување на сигурноста на надворешните граници на ЕУ, спроведување на кохезивните политики, поддршка на земјоделството и решавање на демографските проблеми на блокот.

Покрај ова, како што јави дописникот на МИА од Брисел, Будимпешта ќе се посвети и на напредок во укинувањето на шенгенските копнени гранични контроли за Бугарија и Романија, на борбата против антисемитизмот, на промоција на дискусии на теми поврзани со високото образование, како и на заштита на европското културно наследство.

– Европа се соочува со вонредна ситуација, проблеми како што се војната во соседството или миграцијата. Ова претседателство ќе биде како никое друго досега. Ќе бидеме чесни посредници и ќе се обидеме искрено да соработуваме со земјите членки и со институциите на ЕУ – изјави Одор.

Тој посочи и дека во однос на проширувањето на ЕУ, „погледот на Унгарија“ ќе биде насочен кон Западниот Балкан, наместо кон Украина како што беше за време на претходните две претседателства.

– Кога станува збор за Западниот Балкан, би сакале да видиме што поголем напредок. Наша цел е да отвориме и затвориме што повеќе преговарачки кластери. Мораме да го забрзаме овој процес – изјави Одор.

Унгарскиот амбасадор при ЕУ најави и дека Унгарија планира да организира самит во регионот меѓу претставници на ЕУ и на шесте земји од Западниот Балкан – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. Сите земји, освен Косово, имаат статус на кандидати за членство и официјално ги започнаа пристапните преговори, освен Косово, кое засега е само апликант за прием во Блокот.

Но, освен делумно на Црна Гора, преговарачките процеси на Македонија, Албанија и Србија со ЕУ се во застој, од различни причини, додека Босна и Херцеговина се уште е во очекување да биде закажана првата Меѓувладина конференција на која би била усвоена Преговарачката рамка и патоказите со што би бил означен официјален почеток на преговорите.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто најави дека целта на Унгарија е преговорите со БиХ да почнат во текот на првата половина од нејзиното претседавање со ЕУ. Тој додаде дека некои земји членки на ЕУ само јавно изјавуваат дека го поддржуваат приемот на БиХ, а зад затворени врати зборуваат нешто друго и затоа побара сите унгарски дипломати активно да лобираат за старт на преговорите за членство на земјата.

Меѓу останатите прашања на кои ќе се посвети унгарското претседателство се унапредување на поединечните постоечки законски предлози, усогласување на позицијата на ЕУ за Самитот на климата (КОП 29) и презентација на сопствените планови за геотермалната енергија.

Извор : Нова Македонија