СПАСОВСКИ НА ТВ 24 : КРАЈНАТА ЦЕЛ НА ОТВОРЕН БАЛКАН Е ГРАЃАНИТЕ ДА МИНУВААТ БЕЗ ЗАСТАНУВАЊЕ НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ

0
544

Во интервјуто на ТВ 24, во рамки на емисијата Студио 10, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на темата дали ќе преживее Отворен Балкан после судирите на Косово и реакциите на албанскиот премиер, потенцираше дека тој не само што функционира, туку и се развива како концепт во рамките на Берлинскиот процес, како една регионална иницијатива која што практично треба да значи олеснување на граѓаните за нормално функционирање и комуникација со државите од Западен Балкан.

„Слободен проток на лица, слободен проток на стока, на услуги итн. кои што ги имаме, сѐ со цел тие меѓусебни односи да ги подобриме и да ги олесниме практично движењата и економијата. Тоа е крајната цел, најголемата придобивка од целиот тој процес треба да ја имаат сите граѓани.

Овој процес израсна како процес за кој што сопственост имаат државите од овој регион – Србија, Македонија и Албанија. Во рамките на целиот овој процес ние посакуваме да бидат вклучени сите држави во регионот. На тој начин ќе јакнат и добрососедските односи. Тоа е многу важно заради низа на договори кои што беа потпишани за движењето со лични карти, преземањето на активности за признавање на дипломите во сите држави, понатаму да можат граѓаните без работни визи да работат во трите држави итн.

Сето тоа го скратува времето и чекањето на граничните премини, а на тој начин јакне меѓусебната соработка. Во тој дел мислам дека сите заедно мора да направиме напори тие активности кои што се зацртани полека да ги операционализираме, целиот тој процес да ја постигне крајната цел и на тоа работиме активно сите три држави како членки од оваа иницијатива на Западен Балкан“, појасни беше министерот Спасовски.

На прашањето дали можеме да очекуваме побрз проток на граѓани на граничниот премин во текот на летната сезона со оглед на тоа што е дел од Отворен Балкан, министерот истакна дека идејата или крајната цел која што треба да ја постигнеме со Отворен Балкан е да нема воопшто запирање, да нема ниту еден полицаец ниту на наша, ниту на српска страна, ниту на наша ниту на албанска страна, туку да можат да минуваат граѓаните на овие држави во рамките на Отворен Балкан без застанување.

„Во однос на т.н. проект One Stop Shop во моментов се работи и веќе се при крај работите околу активирањето на софтвер кој што ќе ги олесни движењата. Тоа ќе значи дека преносот на податоци и информации преку софтвер ќе можеме да ги имаме и ние, и Република Србија и на тој начин ќе се скрати значително времето на контроли кои што денеска ги имаме и во рамките на таквите софтверски решенија ќе се развие дополнително, сѐ со цел да го постигнеме тоа како крајна цел. Ова софтверско решение ќе биде многу брзо, очекувам до крајот на овој месец да можеме да ги активираме софтверските решенија помеѓу нас и Србија. Веќе стапи во сила користењето на електронската наплата на патарините. Нашите тагови веќе можеме да ги користиме во Србија, а српските во Северна Македонија. Отворен Балкан е за граѓаните и за државите и веќе ги чувствуваме придобивките. Сега не треба да правите нострификација на дипломи, можете да разменувате работници во сите три држави, можете да користите електронски тагови од било која држава кога минувате низ територијата на едната, втората или третата држава. Сето тоа создава добра основа за бројни придобивки за граѓаните“, дециден беше Спасовски.