ТРЕНЧЕВСКА : ШВЕДСКИТЕ ИСКУСТВА СЕ ПОЗИТИВЕН ПРИМЕР ЗА ПОДОБАР ПРИСТАП ВО ЗАШТИТА НА ЖЕНИТЕ ОД НАСИЛСТВО

0
359
Делегацијата на Република Северна Македонија во Шведска предводена од Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска го посети Националниот центар за знаење за насилството на мажите врз жените на Универзитетот во Упсала. Центарот се состои од единици за истражување, обука и образование и комуникација.

Преку нивната работа ги поддржуваат агенциите и Владата во нивната работа и спроведуваат обуки за студенти на ова прашање. Нивниот пристап во работата е интердисциплинарен формиран низ призмата на медицината, правото, социологијата, криминологијата, психологијата, родовите студии, јавното здравје и политичките науки. Посетата имаше за цел да ги продлабочи познавања за методите и начините на истражување и обуки со цел подобар пристап во заштитата на жените од насилство.

Претставниците од центарот ја информираа делегацијата за функционирањето на линиите за пријавување на насилството и за информирање на жртвите од насилство за начините на насилства. Тие посочија дека изминатата година биле услужени 44 678 лица преку линијата од страна на професионалци. Она што го истакнаа претставниците беше дека вакви линии има достапни како за жените така и за мажите. Исто така тема на дискусија беше и менталното здравје на жените и поголемата застапеност на анксиозност и депресија кај жените кои имаат претрпено насилство отколку кај жените кои никогаш не биле соочени со таков предизвик.

Особено акцентот беше поставен на последиците после насилството и актите на насилство кои ги трпат жените по излегување од врските. Како такви беа посочени економското насилство, говорот на омраза, психичкото насилство и демнењето.  Во фокус на дискусијата беше и унапредувањето на технологијата и начините на насилство кои  се зачестени во поновото време.

Студиската посета со поддршката на UN Women преку проектот „Советодавни услуги за администрацијата на Република Северна Македонија на централно ниво за интегрирање на родовата еднаквост“ има за цел да ги зајакне капацитетите на институциите во однос на прашањето за родовата еднаквост.

x