ТРЕНЧЕВСКА : МОЈАТА ГЕНЕРАЦИЈА ВЕЌЕ 20 ГОДИНИ Е ВО ЧЕКАЛНА, ЗАТОА ИМАМЕ ДОЛЖНОСТ КОН МЛАДИТЕ НАШАТА ДРЖАВА ДА СТАНЕ ДЕЛ ОД ЕУ

0
441

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вечерва на отворената трибина „Ние сме Европа“ зборуваше за вредностите кои Владата на Република Северна Македонија ги носи преку мерки и политики, а го трасираат патот на државата кон Европската Унија.

Тренчевска зборуваше за можностите за вработување и почитување на работничките права како еден од главните приоритети на работа на Владата кои придонесуваат во целта – овозможување на Европски стандарди и Европски можности во државата.

„Република Северна Македонија е единствена земја надвор од Европската Унија која од 2018 година ја спроведува Гаранцијата за млади и не само што ја спроведуваме, туку дава и одлични резултати. За имплементацијата на оваа програма добиваме позитивни оценки и од Европската комисија, а доказ за тоа се над 80 000 млади вклучени во оваа мерка од 2018 до денес од кои 45% добиле вработување“ истакна Тренчевска.

Таа се осврна и на новиот предлог Закон за работни односи.

„Предлог законот за работни односи носи европски вредности, вклучувајќи ја работата од дома и работата од далечина. Се она што е привлечно за младите на пазарот на трудот го овозможува овој закон. Со овој закон им овозможуваме на младите да направат баланс меѓу приватниот и професионалниот живот. Законот ги овозможува новите институти мајчинско, татковско и родителско отсуство, со тоа ќе можат и татковците да се вклучат во растот и развојот на децата, со што уште еднаш ги потврдуваме семејните вредности“ рече Министерката.

Тренчевска своето обраќање го заокружи со истакнување на причините кои ја водат кон посветени заложби за влез на Република Северна Македонија во Европската Унија истакнувајќи дека државата веќе вистинските вредности ги има.

„Мојата генерација е 20 години во чекалната на Европската Унија, изгубивме многу. Затоа сега како министерка имам должност кон младите посветено да работам Република Северна Македонија да стане дел од Европската Унија. Ние сме Европа и во 2030 година ќе го потврдиме сето тоа“ изјави Тренчевска.