ДПИ КАЗНИ ТРИ СКОПСКИ И ЕДНА КУМАНОВСКА ФИРМА, ПРОДАВАЛЕ ЛЕБ ОД 450 ГРАМА СО ЦЕНА ПОВИСОКА ОД 33 ДЕНАРИ, КАЗНИТЕ ЌЕ БИДАТ ОД 500 ДО 10.000 ЕВРА СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВИЈА

0
517

Државниот пазарен инспекторат ги изрече и првите казни за непочитување на одлуката на Владата за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари.

На четири фирми им се изречени парични казни од над 300 000 денари.

„Во контролите се направени четири записници со утврдени неправилности, изречени се парични казни од над 300 000 денари. Казните се многу високи, тие се согласно Законот за трговија, дури и со Законот за заштита на потрошувачи, каде се движат од 500 до 10 000 евра по правен субјект или од 50 до 500 евра по одговорното лице во правното лице. Во Скопје се утврдени три неправилности и во Куманово една неправилност, односно ситуација каде што лебот не е по замрзнатата цена, односно беше над 33 денари“,

вели Александра Котели од ДПИ во изјава за медиумите.
Таа нагласи дека вчера биле направени 190 контроли, а денеска на цела територија на С Македонија се извршени 234 проверки.

„Во секој град се направени по 30 контроли и утврдено е дека во четири правни субјекти има непочитување на одлуката. Имаше апели таа да се почитува затоа што станува збор за производ кој е основна потреба на сите“,додава Котели.

Денеска од Државниот пазарен инспекторат информираа дека и понатаму ќе продолжат да вршат контроли кои се однесуваат на почитување на замрзнатата цена на лебот донесена со Одлуката на Владата. Исто така, велат оттаму, потребно е сите да ги почитуваме Одлуките на Владата, бидејќи примарна цел е сузбивање на профитерството во време на криза и залагање за солидарност, односно да се има разбирање и да им се излезе во пресрет на граѓаните.

Оттаму додаваат дека ќе ги ангажираат сите расположливи ресурси за да постапуваат, а покрај редовните контроли, порачуваат дека излегуваат на терен и по пријави од граѓани и дека им излегуваат во пресрет за сите отворени прашања околу надлежноста и работата на инспекторатот.

Одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот ќе трае до 31 мај годинава.

Од вчера Групацијата на мелничко-пекарската индустрија не доставуваат бел и полубел леб од 450 грама, за кои се однесува одлуката. Според нив со ваквата одлука компаниите имаат големи загуби. Вечерва претседателот на Групацијата, Горан Малишиќ рече дека чекаат повик од Владата за да се изнајде заедничко решение околу кризата која настана со немањето бел и полубел леб. Од Групацијата како велат дека треба да се изнајде еден леб кој ќе биде со одредена грамажа, тој ќе биде социјална категорија и ќе се продава несечен и во хартија.

Исто така, Малишиќ додаде дека досега одлуката на Групацијата не е променета и тие нема да испорачуваат леб и утре.