ТРЕНЧЕВСКА : СЕ УШТЕ ОЧЕКУВАМЕ ИНФОРМАЦИЈА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ЧЕТИРИГОДИШНОТО ДЕВОЈЧЕ КОЕ Е НА ЛЕКУВАЊЕ ВО ДЕТСКАТА КЛИНИКА

0
213

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска изјави дека сè уште ги очекуваат информациите од струмичкото Основно јавно обвинителство за да можат надлежните служби да преземат дополнителни чекори во врска со случајот со четиригодишното девојче кое минатата недела во тешка состојба, со гангренозни рани, повреди по телото и скршеници беше примено на Клиниката за детски болести во Скопје.

„Сè уште немаме повратна информација, ги очекуваме информациите од Јавното обвинителство во Струмица за да можеме да преземе и дополнителни чекори во однос на расчистување на тоа како е дојдено до ситуација детето да биде однесено во Детската клиника во Скопје“ рече Тренчевска, одговарајќи на новинарско прашање по настанот на кој беше промовирана програмата за детска гаранција по примерот на Европската Унија (ЕУ).

Инаку, при дијагностичките прегледи кај девојчето биле утврдени скршеници по телото, а таа била донесена во толку тешка состојба што докторите на клиниката се прашувале како воопшто преживеала. За тоа што точно се случило, одговор треба да даде истрагата, иако нејзината мајка на лекарите им кажала дека повредите се последици на напад на куче од пред две недели.

Прашана, кои се новите моменти поврзани со овој случај, министерката за труд и социјална политика денеска рече дека службите од Центарот за социјални работи во Струмица посветено работат и дека другите три деца од семејството веќе се сместени во згрижувачко семејство, каде ќе им биде дадена пристојна семејна атмосфера.

Надлежните служби во Центарот за социјални работи дополнително ќе треба, како што кажа Тренчевска, да работат со мајката, по што доколку проценат дека има подобрување во нејзините капацитети да се грижи за децата, тие ќе бидат вратени.

„Тие (другите три деца) се згрижени, се работи со нив преку стручните служби во Центарот за социјални работи. Верувам дека детето со мајката кои се во Детската клиника ќе бидат во добра состојба. По излегувањето од болницата на детето ќе се работи на капацитетите мајката и доколку надлежните центри утврдат дека мајката ги има зајакнато капацитетите децата секако дека ќе бидат вратени со обезбедување на пристојни услови за да можат понатаму да продолжат со секојдневието“ изјави Тренчевска.

Министерката на почетокот на оваа недела, исто така одговарајќи на новинарски прашања, рече дека станува збор за семејство кое не било од Струмица, односно привремено било дојдено во градот и немало лични документи.

За целото семејство, како што најави министерката, ќе биде спроведена постапката за евиденција во Управата за водење матични книги за да можат да бидат вклучени и да ги остварат правата за социјална и детска заштита.

На 17 јануари, од болницата во Струмица, со возило на Итна медицинска помош и во придружба на лекар, на Клиниката за детски болести беше донесено четиригодишно женско дете, во исклучително тешка состојба, потхрането, хигиенски запоставено, со гангренозни промени на прстите на дланките и на стапалата. На Клиниката успеале да ги стабилизираат виталните параметри на девојчето и во тек е нејзино лекување.