ТЕТОВЦИ БАРААТ СЛОБОДА ЗА ДОКТОР БОБАН ВУЧЕВСКИ : НЕМУ МУ Е РАБОТА ДА ЛЕКУВА ЛУЃЕ, НЕ ДА ПРАВИ ПРИЕМ НА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА

0
527

Пред судот во Тетово граѓани се собраа на мирен протест на кој побараа ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски, кој е еден од обвинетите во судскиот процес за пожарот во модуларната болница. Граѓаните потенцираат дека докторот бил на работа за да лекува луѓе, а не да презема обврски околу инфраструктурата на болницата.

– Првин грешката е во обвинителство, докторот има обврска да ги лекува луѓето, а не да прави прием на модуларна болница, да провери електрична инсталација, да провери дали панелите од бараките се огноотпорни или помалку запаливи. Значи кривицата е дефинитивно кај тој што ја конструирал модуларната болница, а не кај докторот, кој 24 часа беше достапен на сите граѓани од Тетово и пошироко. Ако сакаат да го поправат процентот на доверба во судството, кое моментално е најниско во државава, тогаш нека размислат за пресудата – рече граѓанин на протестот.

Граѓаните кои редовно доаѓаат на овие протести кога се одржува судскиот процес потсетија дека докторот за време на пандемијата со ковид-19 е тој што совесно ја извршувал својата работа и на многу луѓе им помогнал да ја пребродат болеста.
– Да се донесе ослободителна пресуда за докторот да не доаѓа по овие судници. Нему му е местото со пациентите. Затоа за жал во нашава држава, најдобрите, најхумани доктори ќе ни ја напуштаат земјава и ќе нема кој да нѐ лекува. Овој доктор треба да биде награден, а не да доаѓа овде во судниците. Затоа што нема никаква вина, тој колку може помагал и сè уште им помага на пациентите. Значи, ова е нанесена неправда, за жал, треба да се награди, а не да доаѓа овде да го губи времето. Него го чекаат пациенти на кои им пружа помош и спасува многу народ – изјави една жена присутна на протестот.

За пожарот во модуларната болница поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се товараат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.