ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВОР КОВАЧЕВСКИ – МИШЕЛ : НАТАМОЧНА СИЛНА ПОДДРШКА ОД ЕУ ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НА ПАТОТ КОН ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ

0
359

Почитувани,

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денес оствари телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

На разговорот присуствуваше и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
Ковачевски и Мишел разговараа за актуелната ситуација во регионот, продолжувањето на евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија и спроведувањето на потребните реформи.

Во тој контекст, премиерот Ковачевски му се заблагодари на претседателот на Европскиот совет, Мишел за неговата силна досегашна поддршка на пристапниот пат на Северна Македонија. Притоа, ја истакна решителноста на Владата да работи на отворање на првиот кластер од преговорите до крајот на годинава и го запозна претседателот на Европскиот совет со подготвителните активности и формирањето на експертската работна група во Министерството за правда задолжена за подготовка на уставните измени.

Претседателот Ковачевски изрази надеж дека сите политички фактори во земјата кои ја поддржуваат европската интеграција ќе бидат на висина на нивната одговорност и должност кон граѓаните и ќе придонесат во обезбедување европска иднина за земјата.

Претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел ја нагласи поддршката на Европската унија на Северна Македонија на евроинтеграцискиот пат и изрази задоволство од досегашниот одличен тек на процесот на скрининг. Ги поздрави активностите на Владата во доменот на спроведување на европската агенда и укажа на важноста на реализација на следните чекори, за кои земјата ја има силната поддршка на ЕУ. Во име на ЕУ, Претседателот на Европскиот совет уште еднаш упати благодарност до премиерот Ковачевски за одржаниот состанок во Охрид од дијалогот меѓу Србија и Косово.