СПАСОВСКИ ГО ОТВОРИ СВЕТСКИОТ КОНГРЕС ЗА ГРАНИЧНА БЕЗБЕДНОСТ ВО СКОПЈЕ : ГЛАВЕН ПРИОРИТЕТ Е МЕЃУНАРОДНАТА СОРАБОТКА ЗА ОДРЖЛИВО УПРАВУВАЊЕ СО МИГРАЦИИТЕ

0
319

Денеска, (25.04.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го отвори Светскиот конгрес за гранична безбедност кој се одржува во Скопје од 25 до 27 април, во рамки на три пленарни сесии, како и работилници и отворен изложбен дел во холот на хотелот Александар Палас.

Министерот Спасовски имаше свое обраќање на воведната сесија, при што им посака добредојде на учесниците, во свое и во име на МВР, како домаќин на годинешнава едиција на овој конгрес. Говорници на воведната сесија беа Сашо Смилески, помошник директор на Одделот за гранични работи и миграции при МВР, Владимир Пивоваров, Национален кординатор за интегрирано гранично управување, шефот на Мисијата на ИОМ во Скопје, Соња Божиновска Петрушевска, како и Виши претставници од ОБСЕ и Европската асоцијација на аеродромска и поморска полиција (EAASP).

Осврнувајќи се на историскиот развој на менаџирањето на миграцијата, односно за реформите за воспоставување на модерен систем на интегрирано гранично управување, министерот Спасовски истакна дека до денеска континуирано трае процесот на јакнење на капацитетите за гранична контрола.
„Како еден од столбовите на националниот систем за интегрирано гранично управување, Министерството за внатрешни работи континуирано работи на јакнење на човечките, материјално – техничките и системските капацитети на граничната полиција. Покрај опремувањето со соодветни технички средства, приоритети се и квалитетната обука на персоналот, развивањето на прекуграничната полициска соработка, усогласувањето на националното со ЕУ законодавството и негова практична имплементација во секојдневното гранично полициско работење”, рече министерот Спасовски.