ТРИФУН КОСТОВСКИ И СЕ НАЛУТИ НА ЛУПЕВСКА : ЈАС И МОЕТО СЕМЕЈСТВО НЕ СМЕ КРИМИНАЛЦИ И НЕ ЗАСЛУЖУВАМЕ ДА БИДЕМЕ ВО ИСТА ЕМИСИЈА СО ГОЛОБРАДОТО МОМЧЕ ДРИН АХМЕТИ

0
918

Снежана Лупевска со својот ТВ проект „КОД” кој се емитува на ТВ Телма секоја недела, даде повод за да и ние како засегнати бивши акционери на Еуростандард банка се запознаеме со истражната постапка која Основното јавно обвинителство ја води против мене и мојот син Коста и да заклучиме дека правдата ја однел ѓаволот.

Најнапред, сакам да напоменам дека не е чесно во емисијата на КОД, објавена на ден 3.3.2024 година, госпоѓата Лупевска да ме става мене и моето семејство во исто друштво со криминалците кои беа дел од оваа емисија. Повторувам, јас и моето семејство не сме криминалци и не заслужуваме да бидеме во иста емисија со голобрадото момче Дрин Ахмети, кој на 24 години станува сопственик на деловниот центар ,,Соравија” во центарот на Скопје.

Изјавата на првиот човек на ОЈО, господинот Љупчо Коцевски во целост ја пренесувам:„Таму истрагата трае долго, затоа што предистрагата траела многу кратко и сега само можам да кажам она што истото го кажав, се работи за вештачење, изработено вештачење од 680 страници. Тоа е многу обемно вештачење кое ќе се достави на обвинетите, а обвинетите имаме сега сознание дека сега ќе дадат своја изјава, а на почетокот се бранеле со молчење, што значи, точно е тоа дека истрагата траела многу време, меѓутоа во однос на некаква повреда, не е тоа повреда на апсолутен рок или релативен рок за евентуално донесување на јавна обвинителска одлука, ниту на судска одлука„.

Од оваа изјава може да се извадат два заклучоци: Првиот дека Љупчо Коцевски не бил добро запознаен со истрагата која ја води обвинителството, а вториот е, ако добро бил запознаен тогаш неговата изјава е контрадикторна.Најнапред вели истрагата траела многу кратко, а веќе се поминати 40 месеци. Во случајов главниот проблем е во вештачењето, документ обработен на 680 страници.

Речиси 4 години им е проблем за обработка на 680 страници извештај. Од познавачите и тимот кој беше присутен на ова вештачење од наша страна, знаеме дека ова вештачење е напумпано. Валидни страни во вештачењето не треба да има повеќе од 200 на кои што треба да им се обрне внимание. Ме чуди што Јавното обвинителство престанало да го зголемува до бројката 680 страници, а можело да тера и до 15 000, само со една цел, а таа е замаглување на вистината.

Очигледно, Основното јавно обвинителство нема намера да ја затвори оваа истрага на начин пропишана согласно Уставот на РМ.Господинот Љупчо Коцевски во изјавата за КОД вели дека ние, осомничените во истражаната постапка, сме молчеле. ЛАГА, а еве и зошто.

На распит бев повикан еднаш и не сум молчел. Секоја недела пишувам колумни кои ги објавувам јавно на порталите, за нерегуларноста во водењето на Еуростандард банка во стечај, каде главните институции Народна банка, Техничка Влада, Собрание на РМ, па во случајов и ОЈО, бегаат од фактите кои ги посочувам.

Издадов книга која ја промовирав во јавноста на 15 февруар 2024 под наслов „Мојот непокор”, каде што се објавени сите мои колумни во период од изминатите 40 месеци. По еден примерок од книгата доделив на секој Јавен обвинител, вклучително и господинот Љупчо Коцевски.Убеден сум дека и господинот Коцевски ќе ја разбере суштината на мојата борба, а тоа е боорба за правда и вистина.

Мојата правда е во рацете на ОЈО и господинот Коцевски. Сакам во истражната постапка да бидат вметнати и моите замерки, кои согласно законот и процедурите се вистинити.Важам за човек кој си ја сака татковината и народот во нејзе. Мојата љубов ја покажувам со дела.Мудроста вели: „пред фактите и боговите молчат”. Во овој случајов инсистирам ОЈО заедно со нејзиниот претседател да бидат вклучени во вистинската борба против организираниот криминал и корупција.

Повторувам, стечајот на Еуростандард банка е дело на организираниот криминал кој владее во Македонија.Тешко го поднесувам фактот што мојот имот во Еуростандард банка се растргнува на невиден начин. Замислете, деловниот простор на централата на Еуростандард банка од блиску 4000м2 направена по сите банкарски стандарди и во епицентарот на Скопје, за малку ќе се продадеше за 5,3 милиони евра.

Денес истиот објект е продаден на Фондот за обештетување на штедачи, за цирка 8 милиони евра.Цена која е неприфатлива од ниеден аспект. Како е можно низ цело Скопје, стамбениот простор да се продава по цена блиску 2000 евра по метар квадратен, а просторот на дирекцијата на Еуростандард банка биде проценет по иста цена од 2000 евра по метар квадратен.На овој простор реалната цена е минимум 5000 евра по метар квадратен. Сите учесници во овие грабежи, кога – тогаш ќе се соочат со правдата.Јас продолжувам.

Трифун Костовски