СЈО: Во претресот во Батинци одземени предмети што може да бидат доказ во „Титаник“

0
1220

Во претресот што на барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) вчера беше извршен во селото Батинци, нема приведени лица, а биле пронајдени и одземени предмети што можат да послужат како доказ во постапката за случајот „Титаник“, соопштија денеска за „Мета“ од кабинетот на специјалната обвинителка, Катица Јанева.

Оттаму потврдуваат дека претресот бил во рамките на истрагата за случајот „Титаник“, но не го кажуваат лицето во чиј дом била спроведена акцијата.

„Претресот беше извршен во рамки на предметот „Титаник“ и не сме во можност да соопштиме кај кое лице се вршеше претресот. При претресот се пронајдени и одземени предмети што можат да послужат како доказ во постапката. Приведени лица нема“, стои во одговорот на СЈО на нашите прашања: За потребите на кој случај конкретно беше извршен претресот во куќа во селото Батинци?; Дали претресот е извршен во домот на лицето М.П. (Мунир Пепиќ), против кое се води истражна постапка во случајот „Титаник“ и за кое беше побарана мерка притвор?; Дали се пронајдени некакви докази и дали има приведени лица?

Според неофицијални информации, кои досега никој не ги демантираше, претресот бил извршен во домот на Мунир Пепиќ, вработен во полициската станица Центар, кој е еден од осомничените во „Титаник“, за кој СЈО веќе побара притвор, но судот го одби барањето, а негативна беше и одлуката на Кривичниот совет по жалбата на обвинителите од тимот на Катица Јанева.

Според материјалите на судот, за одлуките по барањата на СЈО за притвор на лицето М.П., тој бил посочен од една од осомничените, со иницијали Ј.Г., и од двајца сведоци, Ф.С. и А.Е., како човек кој имал најголем удел во целокупната активност на носење лица на групно фотографирање за незаконски лични карти.