СУДОТ ГО ОДБИЛ БАРАЊЕТО НА ЖАН МИТРЕВ ДА МУ ГО ВРАТИ ПАСОШОТ ЗА ДА ОДИ НА КОНГРЕС ВО ФРАНКФУРТ

0
594

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд во Скопје, по негативното мислење дадено од јавен обвинител, го одбил барањето на адвокатскиот тим на д-р Жан Митрев за привремено враќање на пасошот со цел да присуствува на научен конгрес во Франкфурт, Германија.

Од клиниката „Жан Митрев“ информираа дека ова не е првпат да се одбие барањето на д-р Митрев за привремено враќање на патната исправа.

„Светската елита во медицинската фела нема да може да го проследи предавањето на д-р Жан Митрев затоа што како единствен претставник од Македонија е спречен да присуствува на најважниот конгрес CSI Франкфурт каде што требаше да ги претстави своите иновативни методи во хибридната процедура. Кривичниот совет при Основниот кривичен суд го одби барањето за привремено враќање на патната исправа и на тој начин го оневозможи патувањето. Ова не е првпат да се одбие барањето на д-р Митрев за привремено враќање на патната исправа. Првиот пат беше одбиен да присуствува на семеен настан што се случува само еднаш во животот. Сето ова се случува во екот на медиумски оркестрираните напади од одредени и секогаш идентични центри насочени кон неговата личност, неговата работа и врз сите оние кои на кој било начин му даваат поддршка на овој врвен професионалец“се наведува во соопштението на клиниката.

Митрев бил поканет да ја претставува Македонија и регионот, со цел, како што информираат од клиниката, да ја презентира успешната примена на хибридна процедура кај шестмесечен пациент.

„Привременото враќање на патната исправа во случаи на општо корисна работа и во случај на здравствена потреба е вообичаена постапка, кога надлежниот орган, во случајот Кривичниот совет при Основниот кривичен суд, ќе најде разбирање за потребата. Во овој случај, иако станува збор за пренесување знаење за здравствен проблем што може да спаси животи, молбата е одбиена како неоснована. Покрај одземањето на патната исправа кај случајот на д-р Митрев се применети и други мерки на претпазливост, односно финансиска гаранција во вредност од 1 милион евра и уште 1,5 милион евра врз основа на побарувањата“се додава во соопштението.

Кривичниот суд по предлог на ОЈО Скопје лани во август донесе одлука за определување мерка за претпазливост – одземање патна исправа заради опасност од бегство на Жан Митрев.

Обвинителството на 18 јули 2022 година, по допрен глас оформи предмет против Жан Митрев откако ИРЛ објави истражување за измама на пациенти за лекување со хемофилтрација во клиничката болница „Жан Митрев“