СУДИРИ МЕЃУ ПОЛИЦИЈАТА И ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО БЛИЗИНА НА ИНСТИТУЦИИТЕ НА ЕУ ВО БРИСЕЛ

0
166

Земјоделците кои денеска протестираа во Брисел попладнево се судија со полицијата во близина на плоштадот „Шуман“ во Брисел, каде што се наоѓаат зградите неколку институции на Унијата, меѓу кои и на Европската комисија и Советот на ЕУ.

За да ги одбие насилните земјоделци полицијата употреби водени топови и солзавец. Засега нема информации за евентуално уапсени демонстранти за време на денешните протести организирани од неколку земјоделски организации по повод денешното заседание на Советот за земјоделство и рибарство на ЕУ.

За време на судирите дел од земјоделците гаѓаа со јајца и петарди и кон новинарите што го следеа протестот, при што според весникот „Соар“ во лице бил погоден и еден медиумски работник, но нема информации дали се здобил со посериозни повреди.

Некои од учесниците на протестите изразија незадоволство од „големото присуство на новинари, фотографи и сниматели“ и имаше обиди за покривање на камерите, а беа упатени и обвинувања дека меѓу новинарските екипи има и полицајци во цвилна облека, кои наводно ги снимаат демонстрантите со цел подоцна да ги идентификуваат и да ги гонат кривично.

Ваквите стравување се зголемија откако вчера бриселското Јавно обвинителство соопшти дека тројца земјоделци се осомничени дека извршиле „акти на насилство врз полицијата“ за време на претходните протести во Брисел на 26 февруари, кои биле идентификувани преку видео снимки. Едниот од нив веќе бил повикан на распит во полиција, по што е ослободен, а наскоро се очекува да бидат сослушани останатите двајца осомничени.

Претходно дојде и до инцидент кога неколку трактори се обидоа да ги пробијат полициските барикади и да се упатат кон плоштадот „Шуман“, но во тоа беа спречени од страна на полициските сили кои употребија солзавец.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, група земјоделците потпалија и бали со сено во близина на зграда што се реновира, при што се запалија градежните скелиња на објектот, па полицајците интервенираа со водени топови за гасење на пожарот и за потиснување на демонстрантите.

Друга група учесници на земјоделските протести подметнаа пожар на скалите кои водат кон железничката и кон метро станицата на плоштадот „Шуман“, при што полицајците употребија солзавец против насобраните земјоделци.

Земјоделците одржаа и митинг под големиот мурал „Иднината е Европа“ во близина на плоштадот „Шуман“, кои пред тоа дел од нив го испрскаа со животински измет.

На митингот претставници на земјоделските здруженија организатори на протестот ги повторија барањата на земјоделците.

– Наше главно барање е поправедно одредување на цените на земјоделските производи. Тоа треба да се направи на глобално ниво, а Европската Унија може да изврши притисок за тоа, изјави портпаролот на Обединета федерација на групите на полјоделци и фармери (ФУГЕА), Иго Фали.

Тој нагласи дека земјоделците чекаат Европа да ја промени својата „ултра-либерална политика“.

– Неодамнешните одлуки за еколошките регулативи апсолутно не се одговорите што ги очекуваме додаде Фали.

Портпаролот на ФУГЕА нагласи дека европските земјоделски здруженија бараат регулирање на пазарот со цел да се обезбедат поправедни цени за земјоделците.

– Прашањето навистина е во цените, кои се целосно либерализирани и кои не ставаат во конкуренција со земји кои воопшто немаат исти стандарди, исти трошоци и услови за производство, потенцира Фали.

Тој изрази надеж дека сепак ќе се најде решение за проблемите за време на преговорите меѓу земјоделските претставници и властите.

– Тие сфатија дека има проблем. Уверени сме дека ќе се најдат решенија, заклучи Фали.

Според холандскиот фармер Леонардо ван ден Берг, неприфатливо е трошоците за производство да бидат повисоки од цените на земјоделските производи.

Бриселската полиција употреби солзавец за ги спречи незадоволните земјоделци да ги пробијат полициските барикади и да се упатат кон плоштадот „Шуман“ во Брисел, каде што се наоѓаат зградите п

– Сегашните цени ги ставаат фармите под притисок и тие не можат да опстојат. Мораме да ги заштитиме земјоделците од шпекулациите кои моментално го поткопуваат пазарот, порача Ван ден Берг.

Тој додаде дека земјоделците не се против договори за слободна трговија со трети земји, но дека при тоа мора да постојат јасни услови и стандарди, слични на она што важат во ЕУ.

– ЕУ мора да стави поголем акцент на локалното производство и потрошувачка, смета Ван ден Берг.

Демонстрантите побараа и намалување на административниот товар за земјоделците и подобра распределба на земјоделските субвенции.

Протестите почнаа со блокада од околу 250 трактори на улицата „Лоа“ што води од центарот на Брисел кон „Шуман“.

За да спречи пристап на демонстрантите кон зградите на институциите на ЕУ, полицијата постави барикади на околните улици кон т.н. „европски кварт“. Земјоделците на ова одговорија со поставување свои барикади од ѓубриво и сено.

Инаку, првите земјоделци со своите трактори пристигнаа во Брисел уште синоќа околу 23 часот, запоседнувајќи го плоштадот „Луксембург“, недалеку од зградата на Европскиот парламент.

Како организатори на протестот се јавуваат меѓународната организација Виа Кампесина (Селски начин) со седиште во францускиот град Бањоле и белгиските валонски здруженија Федерацијата на млади фармери (ФЈА), Валонската земјоделска федерација (ФВА), Обединета федерација на групите на полјоделци и фармери (ФУГЕА) и Мрежата за поддршка на селското земјоделство (РЕСАП).

Бриселската полиција употреби солзавец за ги спречи незадоволните земјоделци да ги пробијат полициските барикади и да се упатат кон плоштадот „Шуман“ во Брисел, каде што се наоѓаат зградите п

Ова се трети земјоделски протести во Брисел оваа година, по оние одржани на 1 и на 26 февруари, кога на земјоделците со неколку стотици трактори блокира повеќе улици околу „европски кварт“. Првиот протест мина мирно, додека на оној на 26 февруари се случија неколку инциденти, кога земјоделците запалија бали од слама и тракторски гуми во близина на плоштадот „Шуман“ и ги гаѓа полицајците со измет, петарди, портокали и шишиња, на што полициските сили одговорија со употреба на солзавец.

Инаку, утрово постојаните претставници на земјите членки на ЕУ во рамки на заседанието на Специјалниот комитет за земјоделство, го поддржаа предлогот на Европската комисија за измени на стандардите за Добри земјоделски и еколошки услови (ГАЕК), поврзани со одредени акти од Заедничката земјоделска политика (ЗЗП).

Предлогот се однесува на прашања поврзани со имплементацијата на стратешките планови на Заедничката земјоделска политика и има за цел да обезбеди поедноставување на правилата, да го намали административниот товар за земјоделството и да обезбеди поголема флексибилност при усогласувањето на земјоделците со одредени еколошки стандарди, што се едни од главните барања на земјоделските протести.