СРЕДБА ГРКОВСКА – АГЕЛЕР : ТРАНСПАРЕНТНОСТА Е КЛУЧОТ ЗА КРЕДИБИЛНИ И ЕФИКАСНИ ИНСТИТУЦИИ

0
221

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа работна средба со амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, на која се разговараше за низа актуелни теми поврзани со владеењето на правото и реформските процеси во земјава.

Вицепремиeрката Грковска се заблагодари за севкупната поддршка на ова поле и го истакна значењето на стратешкото партнерство со САД во спроведувањето на клучните реформски политики. Грковска ја информираше Агелер за активностите кои ги предводи нејзиниот кабинет, вклучително и за предложените законски решенија кои се во финална фаза на подготовка, а кои целат кон јакнење на антикорупциските механизми и алатки, како и кон одржливо вградување на принципите на добро владеење во јавниот сектор.

На состанокот се разговараше и за состојбата во правосудството и структурните промени кои се неопходни за да се надминат бројните предизвици на ова поле, а од кои зависи успехот на заедничките заложби за напредок во справувањето со криминалот и корупцијата во земјава.
Двете соговорнички се согласија дека унапредувањето на транспарентноста е клучот за решавање на многу проблематични точки во системот, бидејќи на тој начин јакне кредибилитетот на институциите и истовремено се штитат вистинските професионалци кои се дел од нив. Во оваа насока, беше истакната и важноста на воспоставувањето цврст систем на заслуги при изборот на носители на функции и јавни службеници, при што токму транспарентноста на изборот и процедурите е од суштинско значење и ја зголемува довербата на граѓаните во институциите.