СРЕДБА БЕСИМИ – БАСАНИ : НОТИРАНИ ПОСТИГНУВАЊАТА НА ЗЕМЈАТА РЕЗУЛТАТ НА 30 – ГОДИШНОТО ПАРТНЕРСТВО СО СБ

0
268

30 ноември 2023, Скопје – Постигнувањата во изминатиот 30-годишен период во развојот на земјата, што е резултат на поддршката добиена од Групацијата на Светска банка денеска беа тема на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со потпретседателката на Светска банка за регионот Антонела Басани и регионалната директорка на оваа меѓународна финансиска институција за Западен Балкан Шиаочин Ју. На средбата присуствуваше и директорот на СБ во земјава Масимилијано Паолучи.

„Задоволство беше што денеска, во пресрет на Конференцијата со која го одбележуваме 30-годишното заедничко партнерство на РС Македонија и Светска банка, можевме да разговараме за постигнатото и исходот од тоа партнерство за мојата земја и за она што реализиравме заедно во изминатите 30 години“, рече министерот Бесими.При тоа ја истакна важноста на реализираните проекти на Светска банка за развојот на целото општество, економијата, како и животната средина.

„Ова партнерство е од исклучителна важност за Владата на РС Македонија, не само од аспект на финансирање, туку и во обезбедувањето знаење и експертиза. Потврда за нашата голема соработка се реализираните 65 проекти  во вредност од над 2,8 милијарди американски долари“, рече министерот и додаде дека соработката и партнерството продолжува и дека во тек се девет проекти во износ од 404 милиони американски долари.

Тој потенцира дека поддршката на оваа меѓународна финансиска институција се одвива во разни области коишто имаат исклучително значаење за нашата земја, како што е обезбедената поддршка за време на ковид-кризата, енергетската криза, како и други предизвици.На средбата од страна на министерот беше изразена благодараност за поддршката на СБ во процесот за обезбедување на Заемот за развојни политики кој е насочен кон остварување поотпорна економија и зелен развој, како и за подготовката на новата Рамка за партнерство  која ги содржи областите каде Групацијата на Светска банка ќе обезбеди поддршка за развојната агенда на земјата. Новата Рамка го опфаќа периодот 2024-2028 година и се очекува да биде одобрена на почетокот на следната година.