СПОРЕД МИНИСТЕРОТ НУРЕДИНИ ГРЕЕЊЕТО НА ДРВА ГО ГУШИ И ЗАГАДУВА СКОПЈЕ

0
386

„Не е време за политики“ – порачуваат партиите коишто секојдневно се препукуваат околу загадувањето, додека граѓаните дишат на шкрги. Спасот се бара во најблиските планини и што подалеку од големите градови

Скопјани со недели се гушат во смог и чад, а надлежните институции место конкретни мерки нудат совети како да се заштитат жителите на главниот град. Состојбата не е подобра ни во останатите делови на земјата, каде исто така се дише токсичен воздух. Скопје денеска повторно се најде високо на листата на загадени градови со светот искачувајќи се до шестото место со индекс на загаденост 175.

Во недостиг на соодветни решенија кои ќе го кренат загадениот облак кој изминатиов период е сериозна закана за здравјето на граѓаните, тие се принудени или спасот да го бараат или во најблиските планински места или пак да се придржуваат до дел од советите и препораките на лекарите, кои што укажуваат дека како последица на загадувањето годишно починуваат и по неколку илјади лица во Северна Македонија.

Географијата и греењето- причини за загадувањето 

Министерот за животна средина Насер Нуредини за ДВ објаснува дека причините за зголемената загаденост на воздухот во Скопје треба да се бараат во географската позиција на градот, потоа маглата- која е карактеристична за овој период од годината, но и во согорувањето на биомаса од страна на граѓаните за греење.

Насер Нуредини
„Најголем процент од вкупните емисии на ПМ10 честички доаѓаат од емисиите од согорувањето на биомаса“, вели министерот за животна средина Насер НурединиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Според добиените анализи од академската фела, се покажува дека најголем процент од вкупните емисии на ПМ10 честички доаѓаат од емисиите од согорувањето на биомаса (греењето на дрва во домаќинствата), а овде не може да се изостават и емисиите од сообраќајот и други сектори кои не се главен причинител за актуелната состојба со загадувањето“, вели Нуредини.

Совети и препораки 

„Останете дома ако не треба да излегувате. Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност. Избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација). Носете заштитна маска со докажана ефикасност на отворено. Зајакнете го имунолошкиот систем. Консумирајте здрава храна со многу овошје и зеленчук.

Ова се само дел од препораките на лекарите, на кои повторно потсети денеска Министерството за здравство. На граѓаните им се препорачува да консумираат храна богата со витамини (антиоксиданси – витамин А, витамин Ц и Е, бета-каротен, ликопен, лутеин, селен, манган и други), главно присутни во овошјето и зеленчукот. Ако се почувствуваат лошо и имаат некакви негативни ефекти од загадувањето, потребно е да се консултираат со лекар.

Во меѓувреме, советничката група на СДСМ побара вонредна седница на градскиот Совет за аерозагадувањето во Скопје

Членот на градскиот Совет од редовите на СДСМ, Гордан Шутаров вели дека иницијативата со советнички потписи е подржана и од политичките партии ЛДП и ДОМ. Тој ги повика и советниците на ВМРО-ДПМНЕ како најбројна советничка група, да дадат поддршка на оваа иницијатива во интерес на скопјани, но од опозициската партија обвинија дека мерките на СДСМ за почист воздух се чист популизам кој нема да смени ништо.

автобуси Скопје

Што содржат предлог-мерките за намалување на загадувањето во главниот град? Итно зголемување на автобуските линии во јавниот превоз, воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, итна пренамена на пари во Буџетот за борба против аерозагадувањето – се дел од мерките коишто се предлагаат. Се бара и финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, подготвување на акциски план за чистење на сите депонии во градот, чистење и миење на улиците со цистерни и безусловно и интензивно постапување на инспекторите во вршењето на нивната службена должност.

„Не е време за политики, туку е време за делување. Мерките против загадувањето на воздухот се од значење за сите граѓани на Градот Скопје“, вели Шутаров, на што од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека „никој во Скопје не верува дека почист воздух ќе има ако се обезбеди бесплатен превоз во ЈСП или ако еднократно се доделат пари под ставката животна средина“. Тие бараат Владата да преземе конкретни мерки.

А, конкретни чекори и мерки?

Граѓаните бараат конкретни чекори и мерки против загадувањето, чии негативни последици ги чувствуваат секојдневно. особено поради загрижувачките анализи кои покажуваат дека загадувањето го скратува животниот век за три години, а според Европската агенција за животна средина (ЕЕА), најмалку 238 илјади луѓе во ЕУ починале предвремено во 2020 година поради загадениот воздух.

Смог Скопје

Во анализите на здружението „Еко-свест“ се посочува дека загадувањето на воздухот е еден од шесте водечки ризични фактори за предвремена смртност во Северна Македонија. Водечки причини за смрт во Северна Македонија вклучуваат исхемична срцева болест, исхемичен мозочен удар, рак на белите дробови, инстрацеребрална хеморагија и дијабетес, додека водечките фактори на ризик вклучуваат висок крвен притисок, тутун, висок шеќер во крвта, ризици во исхраната и висок индекс на телесна маса.

„Има 118 смртни случаи на 100.000 луѓе поврзани со загадувањето на воздухот во Северна Македонија во споредба со 86 смртни случаи на 100.000 луѓе на светско ниво, прилагодени за разликите во возраста. Седум проценти од вкупните смртни случаи поврзани со загадувањето на воздухот во Северна Македонија се кај деца до 5 годишна возраст и 14 проценти се кај луѓе постари од 70 години“, се вели во студијата „Загадување на воздухот и поврзани здравствени последици во Новаци“, објавена во 2021 година.

Министерот Нуредини вели дека за долгорочно решавање на проблемот треба да се преземат „сериозни чекори и вложување во енергетска транзиција, промена на енерегетската ефикасност на објектите и насочување кон поеколошко затоплување на домовите“. Тој ги повикува граѓаните да ги искористат субвенциите што ги нуди Министерството за економија за користење на обновливи извори на енергија во домакинствата, а ги повикува и општините поактивно да се вклучат во процесот на гасификација.

„Дополнително, во ек на економска и енергетска криза како министер, но пред се и како граѓанин сакам да упатам порака до моите сограѓани да бидеме совесни и одговорни. Апелирам да бидеме внимателни што користиме за загревање на домовите, да мислиме на нашето здравје и здравјето на нашите најблиски“, вели Нуредини.