Ахмети: Одложувањето на изборите е можно со нов политички договор

0
966

Одложување на изборите е можно само ако се постигне нов политички договор, порачува лидерот на ДУИ, пренесува Алсат-М.

– За да се промени датумот, сигурно дека треба консензус од сите политички партии. Ние ги кажавме нашите образложенија зашто не треба пак да се дискутира за постигнатиот договор на 2 јуни и на 15 јули. Сакаме што поскоро да се стави крај на овој застој, на оваа политичка блокада во која се наоѓа земјава. Ако досега имало мониторирани избори, најсилно набљудувани избори во земјава ќе бидат следните – и од меѓународните институции и од политичките сили во државата – изјави Ахмети.

Тој уверува дека ДУИ максимално ќе се ангажира за решавање на двете нерешени прашања и го повтори ставот на Владата во врска со медиумите.

– Заинтересирани сме во земјава да има закон во согласност со европските стандарди за слободна и независна работа на медиумите зашто не е ниту политички интерес ниту стратешки интерес на ДУИ за постоење на цензура, или да се има медиум кој ќе биде портпарол на една политичка партија – вели Ахмети и побара од опозицијата да го почитува договорот од Пржино и да не се повлече од обврските што ги презела.