СПАСОВСКИ СМЕТА ДЕКА ОДЛУКАТА НА АПЕЛАЦИЈА ЗА УКИНУВАЊЕ НА ПРЕСУДАТА ЗА „ТАРГЕТ-ТВРДИНА” Е КРАЈНО ПОНИЖУВАЧКА

0
522

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Тетово, коментирајќи ја одлуката на Апелациониот суд – Скопје за укинување на првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина” рече дека тоа е крајно понижувачки и оти упатува на губење на довербата на граѓаните во системот.– Сите викаме не треба да ги коментираме судските одлуки, да јас држам до тоа и како човек од таа фела, меѓутоа тоа е крајно понижувачки и тоа е нешто што упатува на губење на доверба кај граѓаните во системот.

Ќе се одработи од страна на институциите, од страна на полицијата, од страна на ЈО, ќе се соберат доказите ќе се приложат на суд, ќе се поведат постапките и на крајот се доведуваме до една ваква позиција, тоа не е добро и тоа е одлика за тоа што се случува со перцепцијата на граѓаните во делот на борбата против криминалот и корупцијата, истакна Спасовски одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира одлуката на Апелација за укинување на првостепената пресуда за „Таргет-Тврдина”.

Имено денеска Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина” и ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, додека жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е беспредметна.