СПАСОВСКИ ОД ВАШИНГТОН : ПРОДОЛЖУВА ПОДДРШКАТА ОД КОНГРЕСМЕНКАТА ТЕНИ ЗА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

0
198

Денеска, (10.01.2024) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Вашингтон, Соединетите Американски Држави, оствари средба со конгресменката Клаудија Тени, којашто е ко-претседавач со Конгресниот Кокус за Македонија, за Американците со македонско потекло.Двајцата соговорници разговараа за значајната улога која ја игра Конгресниот Кокус за Македонија, за Американците со македонско потекло, генерално за македонско-американската заедница во Соединетите Американски Држави. Притоа, Спасовски ја изрази благодарноста за поддршката и ангажманот во зајакнувањето на меѓусебните односи, промовирање на културната размена и застапување на интересите на македонската заедница во САД.

„Република Северна Македонија се стреми кон една сигурна, стабилна и просперитетна иднина во големото европско семејство на ЕУ, а нашите напори се во голема мера фокусирани на продлабочување на демократските реформи, јакнење на владеењето на правото и продолжување на економскиот развој. Во сето ова, македонско-американската заедница и поддршката од САД играат витална улога. Нашата соработка како НАТО сојузници се темели на заедничките вредности на демократијата, човековите права и мирот. Сакаме да ја зајакнеме оваа соработка преку повеќе билатерални иницијативи, заеднички проекти и програми. Во таа насока, дијалогот со претставниците на САД е од суштинско значење”, истакна министерот Спасовски, упатувајќи благодарност за личниот ангажман на конгресменката Тени.

„Дозволете ми да изразам благодарност за вашите лични заложби за почнувањето на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, како и за заложбите за резолуцијата на Конгресот со која септември се прогласува за месец на промовирање и славење на македонскиот јазик, култура и историја на Американците со македонско потекло и нивниот вековен придонес за Америка”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека македонско-американската заедница ги прифати слободите што ги нуди американското општество и е интегрирана во различни области како уметност, наука, бизнис, политика, медицина, спорт и други, благодарение на можностите за рамноправно учество и придонес во градењето на граѓанските и верските слободи и основните човекови права.

„Тие станаа активни членови на заедницата, давајќи го својот придонес кон нејзиниот развој. Денеска, со задоволство можам да кажам дека Република Северна Македонија го следи овој модел, стремејќи се кон усовршување на општество каде секој заслужува рамноправна шанса”, рече Спасовски, со уверување дека Република Северна Македонија останува посветена на унапредувањето на евро-атлантските интеграции и на засилување на нашите демократски институции.Министерот Спасовски во оваа прилика побара и поддршка за усвојување на Нацрт законот за демократија и просперитет на Западен Балкан. Притоа, тој подвлече дека за Република Северна Македонија нема алтернатива освен Европската Унија и продлабочувањето на Стратешкиот дијалог помеѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.

Конгресменката Тени изрази задоволство од можноста да се сретнат со министерот Спасовски и во оваа прилика ја истакна својата силна поддршка, посветеност и блискост кон македонско-американската заедница во САД, велејќи дека секогаш е во потрага по пријател плус Македонец овде во САД. Таа уште еднаш ја потврди својата поддршка за резолуцијата за месецот септември да биде месец на на промовирање и славење на македонскиот јазик, култура и историја на Американците со македонско потекло и нивниот вековен придонес за Америка.