СОВЕТ НА ЕВРОПА : ВО МАКЕДОНИЈА УШТЕ СЕ ВЕРУВА ДЕКА ДОМАШНОТО И НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ Е ПРИВАТНА РАБОТА

0
423

Македонија има добри законски решенија за борба против насилството врз жените и домашното насилство, но недостасува нивно конзистентно спроведување во пракса, оценува Групата на експерти во Советот на Европа за акција против насилството врз жените и домашното насилство (ГРЕВИО) во првиот извештај за имплементација на Истанбулската конвенција во земјава, објавен денеска во Стразбур.

Според ГРЕВИО, измените на Кривичниот законик ја проширија дефиницијата за силување и сексуално насилство со вклучување на сите дејствија извршени без согласност на жртвата и криминализација на следењето, сексуалното вознемирување и осакатување на женските гениталии, како што се бара со Истанбулската конвенција. Сепак, се препорачува формирање на национално координативно тело кое го вклучува граѓанското општество, како и упатства и прирачници за засилување на родова поддршка за жртвите на насилство врз жените.

„ГРЕВИО ГИ ПОФАЛИ ЗАЛОЖБИТЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА БОРБА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ И ДОМАШНОТО НАСИЛСТВО, НО ЗАБЕЛЕЖУВА ДЕКА НЕДОСТАСУВА КОНЗИСТЕНТНА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА. ПРИТОА СЕ РЕГИСТРИРААТ ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ВЕРУВАЊА ДЕКА НАСИЛСТВОТО ПРОТИВ ЖЕНИТЕ, ВКЛУЧИТЕЛНО И ДОМАШНОТО НАСИЛСТВО Е ПРИВАТНА РАБОТА И ДЕКА ЖЕНИТЕ ИМ СЕ ПОДРЕДЕНИ НА МАЖИТЕ. ПОСТОЈАНАТА СТИГМА ОКОЛУ СЕКСУАЛНОТО НАСИЛСТВО И НЕДОСТАТОКОТ НА КРИЗНИ ЦЕНТРИ ЗА ЖРТВИТЕ НА СИЛУВАЊЕ, ВОДАТ КОН СЕРИОЗНО НЕДОВОЛНО ПРИЈАВУВАЊЕ. НЕДОСТАТОКОТ НА СПЕЦИЈАЛИСТИЧКИ ЦЕНТРИ ЗА ПОДДРШКА, ШЕЛТЕР ЦЕНТРИ, КАКО И НАРЕДБИ ЗА ЗАБРАНА ОСТАВААТ МНОГУ ОД ЖРТВИТЕ БЕЗ ЗАШТИТА“, ПИШУВА ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ГРЕВИО.

Исто така, во него се забележува дека во органите за спроведување на законите и во судските ентитети нема доволно институционални одговори, но има ставови за обвинување на жртвите што води кон некзанивост на сторителите. Притоа се нагласува важноста на обуките на сите релевантни професионалци за подигнување на свесноста и подобрување на поддршката за жртвите.

Друга забелешка на експертската група во Советот на Европа е јазот што постои во заштитата на децата кои биле сведоци на домашно насилство па се сугерира дека има потреба подобро да се размислува за домашното насилство кога се определува притвор или право на гледање при развод на родителите.
ГРЕВИО во извештајот препорачува сеопфатно спроведување на родово чувствителни мерки за сите форми на насилство врз жените, обезбедување на недискриминаторско спроведување и пристап до општите и специјалистички служби за поддршка, како и подобрување на распределбата на ресурсите за ефективно спроведување на политиките и мерките.

Исто така, се препорачува зајакнување на координацијата за спроведување, мониторинг и евалуација на политиките, стандардизирани патишта за поддршка на жртвите во здравствениот сектор и зголемена достапност на специјалистички услуги за поддршка за жртвите.

Меѓу препораките е и жртвите да бидат целосно информирани за нивните права и достапната поддршка, како и засилување на „родово чувствителна“ истрага, обвиненија и судски одлуки за насилство врз жените.
ГРЕВИО бара од Македонија да дефинира дополнителни криминални дела, вклучително и принуден брак и да го зајакне пристапот на жртвите до законска помош и психо-социјална поддршка.

Извештајот на ГРЕВИО се базира на информации што ги собрале експертите од властите и од различни организации за време на петдневната посета на земјава лани во септември.