,,СЛОБОДЕН ПЕЧАТ” ОТКРИВА : КЛИНИКАТА ЗА ОНКОЛОГИЈА ВО 2017 ГОДИНА ГО ФРЛИЛА ВО ПОДРУМ СИСТЕМОТ ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ЦИТОСТАТИЦИ КОЈ ОНЕВОЗМОЖУВА ДА СЕ КРАДАТ ДОЗИ

0
466

Слободен печат открива: Клиниката за Онкологија го саботирала тукушто набавениот систем за следење и безбедно чување на дозите. Системот КАТО требало да стави крај на рачниот систем на дозирање, а идејата била да се спречи губење на дозите, да се обезбеди прецизно дозирање без грешка и безбедно чување на цитостатиците. Со КАТО било невозможно да се украде цитостатик или да се намали нечија доза, ни поради кражба ни поради грешка. Но, по само шест месеци откако е набавен овој систем, во 2017 година, новиот директор Нино Васев го исфрлил од употреба.

Кога во 2016 година Клиниката за Онкологија набавила автоматизиран систем за подготовка на цитостатиците наречен КАТО систем, идејата била да се спречат загубите на дози цитостатици поради кои што клиниката губела пари, а пациентите ризикувале несоодветно дозирање, а со тоа и несоодветно лекување.

Дополнително, со стариот начин на работа имало токсични труења и на медицинскиот персонал задолжен за подготовка на дозите. Во европските држави овој систем е одамна во употреба и речиси и нема болница во развиениот свет во која цитостатиците се подготвуваат рачно. Но, системот имал друга ,,маана” – со него не би можело да се украде ниту милиграм доза.

Поранешното раководство во 2016 на тендер набавило автоматизиран систем за подготовка на цитостатиците (CATO System), а 20 медицински сестри минале едномесечна обука со фармацевтка од Белград за користење на КАТО или компјутерски-контролираното припремање на цитостатици.

Но, по само шест месеци откако се променила власта и се назначил нов директор, докторот Нино Васев го размонтирал системот и најавил дека ќе го користат стариот начин на работа, за да заштеделе на ќеси.Така клиниката се вратила на примитивната рачна подготовка на цитостатиците. Со тоа се отворила и вратата кон кражбата на ампули проследена со сомнежи за малверзации со дозите.

Ако овој систем купен со државни пари продолжел да функционира, не би имало шанса да се манипулира со дозите и терапиите ниту теоретски ниту практично, затоа што секој цитостатик ќе бил мерен на вага, искористен до максимум и би останувал во фрижидер стабилен за употреба дури до 28 дена.Апсолутно би се отфрлила и можноста пациент да добие несоодветна доза или, пак, несоодветен лек. Би била помала и загубата на пари на Клиниката за онкологија-институција која што е рекордер во долгови на целиот клинички центар со дупка од 20 милиони евра која што ја откри поранешниот министер за здравство Беким Сали откако нарача ревизија.

Клиниката за онкологија во 2017 година го саботирала купениот систем со кој требало да се спречат кражбите, токсичното труење на медицинските сестри кои по цел ден ги подготвуваат цитостатиците, но и загубата на цитостатиците при растворувањето, открива истражувањето на ,,Слободен печат”.

Проблеми од првиот ден: Не се сакало да профункционира, се сакало да се саботира

КАТО ги чинел даночните обврзници 350,000 евра, бил набавен од Париз (изолаторите, медицинските монитори, баркод печатачите, гравиметриските ваги) и функционирал многу кратко, околу 6 месеци. Проблеми имало уште од самиот почеток-луѓето од администрацијата не биле фанови на системот и се карале со директорот. Се жалеле дека не можеле да го поврзат со системот Мој Термин и со ХИС (Hospital Information System).

– САМИОТ СИСТЕМ НЕ ДОЗВОЛУВА ДА ВИ ОСТАНЕ ВИШОК НА ДОЗА ШТО НЕМА ДА СЕ ИСКОРИСТИ. СЕ СЕ КОРИСТИ ДО КРАЈ. ЦЕЛО ВРЕМЕ МОНИТОРОТ ВИ КАЖУВА ДА ЈА КОРИСТИТЕ ФЛАШАТА ДОДЕКА НЕ СЕ ИСПРАЗНИ. ВАГА МЕРИ КОЛИЧИНА И НЕМА МРДАЊЕ ИЛИ ЗЛОУПОТРЕБА НА КОЛИЧИНИТЕ. СЕКОЈА ФЛАША ЦИТОСТАТИК СЕ БАРКОДИРА, ПА СЕ СТАВА НОВА ВИЈАЛА КОГА ЌЕ СЕ ПОТРОШИ ПРВАТА. ТОЧНО СЕ ЗНАЕ ПО РАСТВОРАЊЕТО КОЛКУ ДОЗИ ЦИТОСТАТИК СЕ СПРЕМНИ И ТИЕ МОЖЕ ДА СЕ КОРИСТАТ УТРЕ ПАК, ЗАТОА ШТО НЕ ЈА ГУБАТ СТАБИЛНОСТА. СЕГА, ЗА СПОРЕДБА, ПРИПРЕМАТА Е КАКО ПРЕД 20 ГОДИНИ, ЦИТОСТАТИЦИТЕ СЕ ВНЕСУВААТ ВО ДИГЕСТОР. СО ДРУГИ ЗБОРОВИ, СЕ СПРЕМААТ НА МАСА НА ОТВОРЕНО, НА ОДДЕЛЕНИЕ, СЕСТРИТЕ ОТВОРААТ ПРОЗОРЦИ ЗА ДА НЕ СЕ ЗАДУШАТ. ВО ДНЕВНАТА БОЛНИЦА ИМА ДИГЕСТОРИ, НО НЕ СЕ ВО ЛАМИНАРНИ КОМОРИ, ДОДАВА НАШИОТ ИЗВОР, СПЕЦИЈАЛИСТ ОНКОЛОГ ПО ПРОФЕСИЈА.

Системот бил во функција шест месеци. Кога се сменила власта, се сменило и раководството во клиниката. Помеѓу првите работи што ги направил новиот директор д-р Нино Васев било и исфрлање од употреба на овој систем.Бадијала биле убедувањата на лекарите дека системот е добар, дека е усогласен со два стандарди, и европскиот и американскиот за тоа како треба да се спремаат онколошките лекови. Стандардите се QUAPOS 6 и USP 800.

Тоа е биолошки безбеден кабинет, од кој сите лекови излегувале спремени без да се загади околината, објаснува извор на клиниката кој овој софтвер го видел во болницата Сент Луис во Франција. Но, најважната придобивка било одржувањето на лековите и затоа било нејасно зошто се носат вакви одлуки кога системот дефинитивно бил економски оправдан.

– ЛЕКОВИТЕ И НИВНАТА СТАБИЛНОСТ СИСТЕМОТ ЈА ОДРЖУВА 28 ДЕНА, А НЕ КАКО ШТО СЕ ПРАВИ СЕГА, ЗА 24 ЧАСА АКО НЕ ГО ИСКОРИСТИТЕ МОРА ДА ГО ФРЛИТЕ ЦИТОСТАТИКОТ ЗАТОА ШТО МУ СЕ МЕНУВА СОСТАВОТ ПОРАДИ ТОА ШТО Е ИЗЛОЖЕН НА НАДВОРЕШНО ВЛИЈАНИЕ, ВЕЛИ НАШИОТ ИЗВОР.

Клиниката за онкологија во Македонија е единствената болница во светот која што го има купено КАТО системот и не го користи. Се користи во Грција, Австрија, Романија, Германија, Бугарија, Хрватска и многу други државни болници вклучително и во најпознатата болница во Грција Евангелисмос. Продаден е и во НАТО воена болница, ама за Македонија, од мистериозни причини не е доволно добар.

Македонија цитостатици подготвува на застарен начин, каде има опасност од несоодветно дозирање поради тоа што медицинската сестра треба да функционира со мерење од шприц. Не постои болница во светот која го користи КАТО системот, а која само во првата година од функционирањето, не заштедила барем 15 проценти од лековите поради точноста на овој систем. Затоа впрочем е и тој направен, за неопходната онколошка прецизност во дозирањето и терапирањето.

Клиниката за Онкологија ја врати сестрата крадачка на работа Никој не можел да ги разбере одлуките на директорот, но по три години ќе се случи уште еден инцидент и тогаш ќе се отворат сомнежите зошто се претпочита стариот примитивен рачен систем.

Во 2020 година една од медицинските сестри кои што биле задолжени за рачна подготовка на онколошката терапија за болните од канцер, била фатена како краде цитостатици. Колешка медицинска сестра ја пријавила во полициската станица Беко. Се отворила истрага, сестрата добила шестмесечна суспензија од работа. Истрагата била за кражба, но тапкала во место. По шест месеци суспензија, без утврдена законска одговорност сестрата била вратена на работа. Во ковид пандемијата работела на Инфективната клиника, ама после ковидот, вратена е повторно на работа на Клиниката за онкологија, повторно на истата функција во дневната болница, во близина на цитостатиците. Таму, во 2023 година таа ќе украде 20 цитостатици од различен вид, а полицијата ќе извести дека ги чувала во својот автомобил Рено Клио.

Вработените почнале да се сомневаат дека истрага нема да има кога сфатиле дека личноста од непознати причини е важна за највисокото раководство. Наместо да ги охрабрат вработените да пријават малверзации, директорот во присуство на вработени кажал дека сестрата е под негова заштита.

– КОГА СЕ ВРАТИ ВО 2020 ГОДИНА, РАКОВОДИТЕЛОТ НЕ СОБРА СИТЕ И Ѝ СЕ ОБРАТИ НА СЕСТРАТА ШТО КРАДЕШЕ ЦИТОСТАТИЦИ СО ЗБОРОВИТЕ ,,ЈАС СУМ ТИ КАКО ТАТКО, ОТСЕГА ЗА СЕ ШТО Е ПОТРЕБНО МЕНЕ ЌЕ МИ СЕ ОБРАЌАШ”. СИТЕ БЕВМЕ ШОКИРАНИ, СВЕДОЧИ ЗА СЛОБОДЕН ПЕЧАТ НЕЈЗИНА КОЛЕШКА ПРИСУТНА НА ЧИНОТ НА ВРАЌАЊЕТО ОД СУСПЕНЗИЈАТА.

Во 2023 година истата сестра е повторно фатена во кражба на цитостатици. Јавното обвинителство за Слободен печат тврди дека таа е повикана на распит, ама датумот е иден и не може да одговорат дали таа ќе се појави или не. Според нашите информации таа не е во Македонија туку во Германија.Првото дело во 2020 година за кое уште нема судска пресуда, и е за кражба. А второто во 2023 година кога е фатена со 20 ампули од различни цитостатици, се води како послужување. Како дошло до ваков пресврт и врз кои основи, не е јасно.

Клиниката за онкологија молчи за системот КАТО

Докторите со кои разговараше Слободен печат велат дека со КАТО ќе се елиминира секаков обид за кражба бидејќи со системот секој лек што влегува се баркодира на повеќе точки додека е во болницата ,а не како сега, да се запишува на рака и да се внесува во систем рачно.

– БАРКОДИРАЊЕТО НИКОГАШ НЕ ПОЧНА, НА ВРЕМЕ БЕШЕ ПРЕКИНАТО, А ЗА КАКВИ ЦЕЛИ, СУДЕТЕ САМИТЕ. ЌЕ ВИ ДАДАМ ПЛАСТИЧЕН ПРИМЕР. АКО СУМ ВИ ПРЕПИШАЛ НА ПРИМЕР, 182 МИЛИГРАМИ ОД НЕКОЈ ЛЕК, ТОЈ ЛЕК ДОАЃА НА ДИГИТАЛНАТА ВАГА, ДОБИВА БАРКОД И ТАА АМПУЛА СО ТОЈ БАРКОД ДО НЕЈЗИНОТО ИСЦРПУВАЊЕ СЕ ЗНАЕ КАКО Е ИСКОРИСТЕНА, А ЧОВЕЧКИ ФАКТОР НЕ МОЖЕ ДА И ВЛИЈАЕ ВО СМИСЛА НА ТОА ДА ЈА ЗЛОУПОТРЕБИ. АКО КЛИНИКАТА ЗА ОНКОЛОГИЈА ИМА БАРКОДИРАЊЕ, НИКОГАШ НЕ БИ ИМАЛО ПРОБЛЕМ СО КРАЖБАТА НА ЛЕКОВИ, ДОДАВА ДОКТОРОТ.

На Клиниката за радиотерапија и онкологија прашавме дали поседуваат начин или процедура или машина или стандард или процес, со кој се овозможува да се провери дали лекот му е администриран на пациентот. До објавувањето на овој текст, одговор не добивме.