КОВАЧЕВСКИ : КОНТИНУИРАНО НОСИМЕ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИОТ СТАНДАРД И ЛИКВИДНОСТА НА КОМПАНИИТЕ

0
323
 
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши ја посети компанијата „Пивара Скопје“. На средбата со менаџментот на компанијата беше разговарано за владините мерки за намалување на цените и мерката „гарантирана цена“ на дел од пијалаците.

„За поздравување е потегот на оваа домашна компанија со светски квалитет којакако општествено одговорна, меѓу првите се пријави и ја поддржа мерката на Владата за обезбедување на „гарантирани цени“ со тоа што самостојно ги намалија цените на своите производи на пазарите во државата. Со тоа, оваа компанија, како и многу други ги ублажија инфлаторните шокови на пазарот, но и влијаеја за олеснување на товарот врз семејниот буџет на граѓаните, за што сакам да им упатам благодарност“, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање при посетата на „Пивара Скопје“.
Притоа, премиерот Ковачевски посочи дека со поддршка на Владата, компанијата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со Договор за инвестиција во нова линија безалкохолни пијалаци, ќе може да го модернизира и проширува своето производство.

„Одговорно, посветено и во континуитет носиме мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и ја одржуваме ликвидноста на компаниите со цел да ја амортизираме економската и енергетската криза која го зафати светот.

Обезбедивме солидна основа за континуиран раст на платите и пензиите. Од друга страна, ги замрзнавме и намаливме цените на основните прехранбени продукти, обезбедивме „гарантирана цена“ на производите, а трговците и производителите ги повикавме и сè уште ги повикуваме да ни се придружат во напорите да ја стабилизираме нашата економија“, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот посочи дека резултатите од владините мерки за намалувањето на цените на основните производи веќе даваат ефекти.

„Очекуваме и дополнително намалување на цените на производите со предложениот Закон за забрана на нефер трговски практики, со којшто ќе се регулираат 26 нефер трговски практики. Со носењето на овој закон влијаеме врз регулирањето на цените на пазарот, но и ги уредуваме условите на трговија со земјоделски и прехранбени производи со цел да нема вештачко кревање на цените. Со сите овие мерки, навистина сум оптимист дека ќе успееме да ја сведеме инфлацијата под 6% до крајот на годината“, нагласи премиерот Ковачевски на денешниот настан.

Министерот за економија, Крешник Бектеши изрази голема благодарност до „Пивара Скопје“ за нивниот придонес во креирање на мерките на Владата и што им излегоа во пресрет на граѓаните со намалување на цените на дел од нивните производи.

„Задоволство ми е да кажам дека согласно статистичките податоци мерките дадоа резултат. Инфлацијата во делот на основните прехранбени производи во октомври е под 2%, а вкупната инфлација е преполовена споредено со претходниот месец. Тоа уште еднаш покажува дека мерките кои ги носиме се во интерес на граѓаните и заштита на животниот стандард“, посочи министерот за економија, Бектеши.

Министерот за економија Бектеши, зборуваше и за Законот за нефер трговски практики, за којшто кажа дека се изработува во соработка со бизнис заедницата.
„Завршуваме со разгледување на сите забелешки од коморите и во текот на следната недела финалното предлог решение ќе биде доставено до Владата, а потоа и до Собранието.

Целта на овој закон е на долг рок да се намалат цените на основните прехранбени производи и да се заштитат потрошувачите. Носиме одржливи мерки во соработка со бизнисот со цел на партнерски начин да ја подобриме бизнис климата во државата“, заклучи на крајот министерот Бектеши, за време на посетата на „Пивара Скопје“.