СЕ УРНА КРАН НА МЕНХЕТЕН ВО ЊУЈОРК КОЈ ПРЕНЕСУВАЛ 16 ТОНИ БЕТОН, ШЕСТМИНА ПОВРЕДЕНИ

0
560

Противпожарната служба на Њујорк интервенирала откако добила дојава дека избувнал пожар во кабината на кранот, по што горниот, хоризонтален крак од градежната машина се урнал, а дел од него удрил во друга зграда од спротивната страна на улицата, објавија локалните медиуми.

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, изјавил дека инцидентот можел да биде „многу полош“.

На терен, како што се наведува, се повеќе од 200 пожарникари. Причината за пожарот и уривањето на кранот сѐ уште не е јасна.

Од видеоснимките објавени на социјалните мрежи може да се забележи како се крева густ џад од кабината на кранот.

Во официјалното соопштение од њујоршката противпожарна служба се наведува дека 10. авенија е затворена до дополнително известување од безбедносни причини, бидејќи врз неа паднал дел од кранот. Се посочува и дека околните згради се евакуираат поради страв од дополнителен колапс, пренесува Ен-би-си Њујорк.

Полицијата ја повикува јавноста да ја избегнува областа додека пожарникарите продолжуваат да го проценуваат местото на настанот и да го испитуваат структурниот интегритет на зградите.

Поради несреќата, околните улици се блокирани, а сообраќајот низ блискиот тунел „Линколн“ до Њу Џерси се одвива со тешкотии.

Работник кој се наоѓал во кабината на кранот се обидел да го изгасне пожарот, но топлината го стопила кабелот што го потпира кракот на кранот, поради што се урнал.

Кранот, според извештаите, се наоѓал на 45-катница во изградба и во тој момент пренесувал 16 тони бетон.