СДСМ ПОЧНА НОВА ТЕРЕНСКА КАМПАЊА НАРЕЧЕНА „РАМО ДО РАМО ДО ПОБЕДА“

0
417

Веднаш по денешната посета на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, од пред седиштетот на партијата ја отпочна новата кампања наречена „Рамо до рамо до победа“. Кампањата има визуелен печат со црвените елеци што ги носат функционерите и раководството на СДСМ.

Ковачевски најави дека почнуваат со теренски активности, со цел да разговараат со граѓаните од сите делови на земјава.

Ковачевски кажа дека неговата партија во наредниот период ќе посети вкупно 946 населени места во земјава, не затоа што следната година има избори, туку, како што кажа, заради подобра иднина на татковината.

„Во секое населено место, во секоја уличка, во секоја куќа, зграда, во секое маало, во секоја урбана заедница таму каде што ни е местото, меѓу народот заедно со граѓаните. Рамо до рамо со народот, со сите граѓани ќе посетиме 946 населени места ширум целата држава да разговараме со нив, да го слушнеме нивниот глас за сè она што најмногу им е важно, да дадеме отчет за сработеното во изминатата година, но и да кажеме што следува во наредниот период“, рече Ковачевски.

Нагласувајќи дека заштитиле стандардот на граѓаните и не дозволиле профитерство врз грбот на народот и цените на производите ги намалиле, а инфалцијата ја зауздале, тој во својот говор посебно се осврна на улогата на опозицијата.

„Но она што сигурно остана – деструктивната континуирана омраза на опозицијата кон народот преку апокалиптични сценарија за колапс, рестрикции и недостаток на храна.

Деструктивниот, потпалувачки опозициски наратив, под секое ниво не е добар за општеството и има само една цел – да ја уназади европска Македонија.

Но ние нема да им го дозволиме тоа на пироманите од Левица и ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ е рамо до рамо со граѓаните и да ги разобличиме промашените пропаганди, да ги трасираме победничките политики!  Да го поразиме евтиниот популизам…Македонската држава е фактор на стабилност во регионот, претседавач со ОБСЕ и кредибилен партнер на ЕУ и САД. На иста маса, рамо до рамо со големите демократски сили“, нагласи Ковачевски.

Веднаш потоа членови на рководство отидоа на собири во сите скопски општини, како и оние што гравитираат околу главниот град.