СДК: ДИРЕКТОРОТ НА „ИДРИЗОВО“ МУ ГО ДОДЕЛИЛ СЛУЖБЕНИОТ „ПАСАТ“ ШТО ИЗГОРЕ ПРЕД ЏАМИЈА НА ЗАМЕНИКОТ ЈОНУЗИ, ЗА ДА КОНТРОЛИРАЛ ШТО СЕ СЛУЧУВА НОЌЕ ВО ЗАТВОРОТ

0
548

Директорот Јовановски вели дека не знае зошто заменикот Јонузи затворскиот „пасат“ го користел за приватни потреби, тоа ќе го истражи и јавноста ќе ја извести (Фото:СДК.МК) Директорот на затворот „Идризово“ Зоран Јовановски не знае зошто неговиот заменик Феми Јонузи го користел за приватни потреби и се развозувал со службеното возило кое изгоре синоќа пред џамија во Студеничани.

„Зошто го користел службениот автомобил за приватни потреби како одење во џамија и слично, јас истражувам и за тоа сигурно ќе бидете известени“, одговори за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на КПУ Идризово Зоран Јовановски.Го прашавме и зошто заменик директор да има службено возило, згора на тоа и возач, покрај другите привилегии на државен трошок.Јовановски кажа дека и порано ги имал привилегиите, но кога дошол на функцијата пред неколку месеци, му го одзел службеното возило. Но, ситуацијата во затворот се сменила.

„Со оглед на последните случувања во затворот, службеното возило што му го одзедов претходно на мојот заменик, сега со наредба му го вратив. Му го доделив пак, зашто според интерниот план што го донесовме, заменикот Јонузи од неодамна е задолжен да врши ненајавени контроли на вработените во затворот. Задолжен е да ги проверува вработените и ноќно време“, вели Јовановски.

На прашање – што е со скратувањето на буџетот на затворот „Идризово“, недостигот на средства, на пари за нови толку потребни вработувања таму и што е со тврдењето дека Владата штеди особено гориво и струја бидејќи е енергетска криза, директорот одговара дека Владата го именува заменикот-директор на КПУ Идризово, и оттаму има право да користи службено возило кога ќе има потреба и причини за тоа.
Јонузи е поранешен пратеник од ДУИ. Тој е познат како вечниот заменик-директор на „Идризово“, бидејќи 5 години е на местото. Многу директори испрати и дочека од затворот, само тој е несменлив.

Синоќа во полициската станица Драчево, Јонузи пријавил дека околу 21:15 часот во скопското село Студеничани каде што живее, било опожарено патничко возило „фолксваген пасат караван“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на КПУ Идризово.

Преку портпаролот на Владата, го прашавме и премиерот Димитар Ковачевски зошто заменик-директор има службено возило со шофер и кој ќе ја плати штетата за изгорениот „пасат“, сопственост на затвор „Идризово“. Не добивме одговор.