Русковска потврди дека се води истрага за Дончев, Ивановска најави постапка за непријавување на приходи

0
753

Законот пропишува дека службено лице може да остварува приходи од научни, наставни, културни, уметнички и спортски активности и приходи од авторски, патентни и слични права, интелектуална и индустриска сопственост, но не и од консултантски услуги, пренесе Фокус.

„Да, се води истрага“, потврди денеска шефицата на Обвинителството за организиран криминал и гонење на корупција Вилма Русковска, одговарајќи на новинарско прашање откако неделникот Фокус објави дека Управата за финансиско разузнавање, по барање на Обвинителството за организиран криминал, утврдила дека Дончев во 2018 година добил 3 милиони денари или околу 50.000 евра од македонската компанија регистрирана за интернет-портали со седиште во Муртино „Ремаркет“, чии приливи пак доаѓале исклучиво од австралиската „Мегантик“.

Претходно, од обвинителството ни соопштија дека по доставена кривична пријава против Дончев и уште две лица е оформен предмет по кој активно се постапува во насока на проверка на наводите во пријавата. Во таа насока, велат од обвинителството, надлежен јавен обвинител кој постапува во предметот изминатиот период има издадено низа наредби, а воедно во насока на расветлување на наводите се сослушани и лица. Меѓутоа, од таму не споделија повеќе детали во интерес на, како што велат, непречена истрага.

Дончев, пак, за Докус рекол дека од нив разбрал дека постапката што се води во обвинителството по пријава од поранешната сопственичка на Диамед Вера Иванова, освен за злоупотреба на службена положба и уцена, се води и во насока на проверка на сомнение и за кривичното дело – перење на пари.