РЕК „БИТОЛА“ МОРА ДА ОСИГУРА МИНИМУМ ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈА И ПОКРАЈ ТОА ШТО ЦЕНАТА Е ПОВИСОКА ОД ОНАА НА БЕРЗАТА, ВЕЛИ БИТИЌИ

0
147
Според Битиќи, нужност е вклучувањето на еден блок во РЕК „Битола“ за да продолжи да произведува електрична енергија.

„Наназад кога условите биле малку поразлични, подобри, поповолни ние сме произведувале и со пониска цена. За жал, кога 40 години не се инвестираа и не се мисли на следните 40 години се случува ова што денеска ни се случува. Така што, нужност е вклучувањето на одреден блок. Не можеме целосно да оставиме да зависиме само на увоз на електрична енергија од други извори затоа што едноставно експертите во ЕСМ и пошироко укажуваат дека тоа е преризично за државата“,изјави Битиќи.

На новинарско прашање која е економската логика за работа на РЕК „Битола“ кога се набавува струја на берза по цена од 73 евра, а производствената е 110 евра, Битиќи рече дека мора да осигуриме минимум производство од домашни капацитети и оти цената на берзите не е предвидлива до тој степен за да може целосно да се потпреме на купување на струја.

Според него, во суштина нема економска логика веќе 20 години наназад функционирањето на ЕСМ, но, како што рече, денес од нас зависи дали во наредните 20 години ќе продолжиме со нелогичното економско функционирање на тоа претпријатие.

„Не го решаваме проблемот со враќање назад зошто и пред 20 години е почнато неекономското функционирање на тоа претпријатие. Сега сме во оваа ситуација во која мораме да осигуриме струја за стопанството, за граѓаните – дали таа ќе биде увезена или ќе биде произведена, секако е субвенционирана“,рече Битиќи.

Тој додаде дека се свесни за тоа каква производна цена има во овој момент и додаде дека се инвестира во сите сегменти, особено во сегментот обновливи извори на енергија, во приватни инвестиции, кај што, како што рече, сакаме реално да го заштитиме јавниот интерес токму за да падне производствената цена за да немаме вакви проблеми на испади кога домашното производство ќе биде повисоко од берзанските цени.