ПРОШЕТКА НИЗ ГРАДОТ ЗА КОЈ ВЕЛАТ ДЕКА Е КАКО ОД БАЈКИТЕ НА БРАЌАТА ГРИМ, БУКВАЛНО КАКО ДА СТЕ ПАТУВАЛЕ ВО XIII ВЕК СО ВРЕМЕНСКА МАШИНА

0
651

Шармантниот средновековцен град ја зачувал својата архитектура уште од XIII век, а шетајќи по улиците се добива чувство како да сте патувале со временска машина.

Постојат градови што имаат свои поединечни симболи и архитектонски чуда што треба да се видат. Но, постојат и такви што се атракција со самото свое постоење. Еден од нив е францускиот средновековен град Динан.

Динан се наоѓа во северозападниот дел на Франција, во познатата покраина и полуостров Бретања. За разлика од поголемиот дел од другите градови кои никнувале во долината на реката Ранс, Динан никнал на брдо, поради што пружа магичен поглед. Има 14.700 жители.

Шармантниот средновековен град ја зачувал својата архитектура уште од XIII век, а поради неговите одбранбени ѕидови, шетајќи по улиците се добива впечаток како да сте патувале со временска машина. Многумина го сметаат за најатрактивен и најдобро сочуван стар град во Бретања.

За својата живописност може да му се заблагодари на пристаништето каде се наоѓаат старите камени куќи – во многу од нив сега се наоѓаат ресторани, кафулиња и продавници. Од пристаништето има прекрасен поглед на камениот вијадукт кој се издига над градот и реката.

Тука е и ридот на кој можете да се искачите минувајќи низ тесни камени улички со шарени дрвени и камени куќички.

Додека шетате ќе поминете покрај студија, продавници за сувенири, книжарници, работилници за стакло… сè што го прави Динан да ја носи ласкавата титула „град на уметноста и историјата“. Излозите често се големи и датираат од средниот век, кога пазарувањето се вршело од улица преку излозите, без да се влегува во продавниците.

Град – атракција

Некои го опишуваат како град кој сам по себе претставува атракција бидејќи во него нема ништо што само по себе е исклучително или што го симболизира градот. Едноставно, сѐ како целина е атракција за себе. Архитектурата, базиликите, ѕидините, реката, пристаништето, продавниците и пабовите…

Други го опишуваат како град од бајките на браќата Грим.

За оние што се жедни за фино француско вино, тука е „Ру де ла Кордонери“ (Rue de la Cordonnerie). Локалното население ја нарекува и „Жедна улица“ бидејќи токму таму се наоѓа најголемиот број на стари кафулиња и барови.

Во локалната туристичка заедница истакнуваат дека многумина за обиколка на Динан одредуваат цел еден ден или доаѓаат во склоп на еднодневна екскурзија од некој друг француски град – но, кога еднаш ќе дојдат, одлучуваат да останат повеќе.